Јосип Броз Тито (7 мај 1892 – 4 мај 1980) е југословенски комунист и лидер на комунистичка Југославија од 1945 година до смртта во 1980 година.
Во текот на Првата светска војна е мобилизиран во австро-унгарската војска и е испратен прво во Србија, а потоа на Источниот фронт. Во 1915 година е заробен од руските војски и е испратен да работи во камп на Урал. Ослободен е во текот на Февруарската револуција. Во април 1917 година е уапсен за организирање демонстрации за воените затвореници, но набрзо успева да побегне. Го прифаќа ленинизмот и им се придружува на демонстрациите во Санкт Петерсбург на 16-17 јули 1917 година. Во обид да избега во Финска е уапсен и затворен во тврдината Петропавловск на три недели, по што е испратен во Сибир. Повторно успева да побегне и во ноември во Омск им се приклучува на црвеногардејците. Во март 1919 станува член на југословенската секција на Руската комунистичка партија.
Во септември 1920 се враќа во Југославија и станува член на наскоро забранетата Комунистичка партија на Југославија. Станува активист во синдикалното движење. Во мај 1927 година е избран за секретар на Обласниот одбор на Сојузот на металците, а во јули истата година за организациски секретар на Градскиот комитет на КПЈ за Загреб. Во август 1928 година е уапсен и во ноември е осуден на 5 години робија. По излегувањето од затвор, во јули 1934 заминува за Виена, каде што станува член на Централниот комитет на КПЈ.
Во 1937 Сталин, во склоп на опсежните чистки кои беа во тек, ја апси речиси целата дотогашна раководна гарнитура на КПЈ на чело со генералниот секретар Милан Горкиќ. Тито целосно застанува на страната на Сталин во борбата против неговите противници во Сесојузната комунистичка партија и пишува негативни карактеристики за раководните кадри на КПЈ во обид да биде поставен за генерален секретар на КПЈ. По ликидирањето на речиси целата раководна структура на КПЈ што во тоа време се наоѓа во СССР и по отстранувањето на неговиот последен конкурент за највисоката партиска функција во КПЈ Петко Милетиќ, дури есента 1940 година е решено Тито да биде назначен за генерален секретар на КПЈ.
По окупацијата на Југославија од страна на Силите на оската во април 1941, комунистите на чело со Тито го поведуваат движењето на отпорот, а Тито станува главен командант на Народно-ослободителната војска.
Поради доминантната улога во народно-ослободителното движење, по ослободувањето на земјата комунистите успеваат да ја преземат целата власт. Но, набрзо, во 1948 година, доаѓа до судир со СССР. Тито решава да не се покори на волјата на Сталин и не се повлекува од власта. Во првата фаза од овој судир, КПЈ на чело со Тито се стреми да докаже дека обвинувањата од страна на СССР се неосновани, спроведувајќи ортодоксни комунистички мерки како колективизацијата на земјоделието. Истовремено, спроведе хајка против сите оние комунисти за кои постоеше и најмало сомнение дека повеќе му се верни на светскиот комунистички лидер Сталин отколку на југословенскиот комунистички лидер Тито. Во втората фаза од судирот (од крајот на 1949 година) доаѓа до отфрлање на сталинизмот и застапување на несталинистичка верзија на ленинизмот, втемелена врз систем на работничко самоуправување во претпријатијата, а подоцна и врз пазарни механизми во функционирањето на економијата (т.н. пазарен социјализам).
На надворешнополитички план, по приближувањето и започнувањето на процесот на сојузување со западните сили (до смртта на Сталин), а потоа и по краткотрајното затоплување на односите со Источниот блок (по смртта на Сталин и посетата на Никита Хрушчов на Белград), Тито и Југославија ќе се свртат кон новите осамостоени колонии од Азија и Африка и ќе станат втемелувачи и едни од најактивните учесници на Движењето на неврзаните.
На внатрешен план, Титова Југославија беше една од најотворените и најмалку репресивните комунистички држави, но либерализацијата на системот имаше свои граници. По сталинистичкото справување со (вистинските и оклеветените) приврзаници на Сталин, во 1954 година ќе биде исклучен од партијата, а подоцна и затворен членот на најтесното раководство на партијата, Милован Ѓилас, во 1966 година ќе биде исклучен и Александар Ранковиќ, кого го сметаа за наследник на Тито, а во 1971 година на удар ќе дојдат протагонистите на „Хрватската пролет“ и српските либерални комунисти.
Еден од успесите на југословенската власт на чело со Тито, пред сè во периодот до крајот на 1960-тите, беше градењето на братството и единството помеѓу југословенските народи и народности. Но, од крајот на 1960-тите национализмот беше во постојан пораст за на почетокот од 1990-тите да доведе до распад на Југославија.
Како признание на несомнените државнички способности и успеси на Јосип Броз Тито, на неговиот погреб во мај 1980 ќе присуствуваат бројни високи странски делегации и ќе остане запаметен како погреб со најголем број политичари и државни делегации во светската историја по оној на папата Јован Павле II во 2005 година.