Обраќање на министерката Гордана Јанкулоска по повод 7-ми Мај:
„Дозволете ми најпрвин на сите полициски службеници и на сите вработени во Министерството за внатрешни работи да им го честитам денешниот Ден на полицијата и да им се заблагодарам на чесноста, посветеноста и професионализмот со кој што ги извршуваат своите задачи. Пожртвуваноста, хуманоста и патриотизмот, кои секојдневно ги демонстрираа изминатата година не направија горди нас, нивните семејства и сите граѓани на Репблика Македонија.
Затоа благодарноста кон нив е длабока и од срце. Затоа денеска со право им се поклонуваме на сите починати херои кои ги жртвуваа своите животи за мирот и безбедноста на Република Македонија. Денеска со право им оддаваме почит и на оние кои го продолжуваат нивното дело и кои го чуваат и надградуваат угледот на униформата што ја носат.
Република Македонија знаела и знае како се почитуваат нејзините најхрабри синови. Граѓаните на Република Македонија секогаш знаеле да ја препознаат и вреднуваат жртвата на оние кои се заколнале да им служат и да ги штитат. Затоа денеска уште еднаш со должно внимание ги споменуваме полициските службеници кои загинаа на бедемот на татковината во 2001 година. Нивната љубов кон Македонија вечно ќе се памети, а денешното посмртно доделување на Медал за храброст, по дванаесет години од конфликтот, е само мал гест со кој сакаме да им порачаме дека беа и ќе останат пример за сите сегашни и идни генерации.
Зад нас е уште една година исполнета со предизвици, кои не беа ниту мали, ниту лесни. Се соочивме со бројни проблеми, но најважно е дека тие не направија уште подобри и уште поцрвсти. Докажавме дека имаме капацитет и дека можеме да одговориме на сите задачи кои произлегуваат од Уставот и законите.
Посветената и професионална работа беше препознаена од страна на Европската комисија. Добивме позитивна оцена и препорака за почнување на преговори во ланскиот извештај, но и во рамки на извештајот од претпристапниот дијалогот на високо ниво. Уште еднаш земјава беше добро рангирана и во извештајот на Транспаренси интернешнл за борба против корупцијата, а тоа што секако е за посебно издвојување е најпозитивниот извештај во изминативе 10 години изготвен од ОБСЕ кој се објавува на секои две години. Истражувањето од агенцијата Прогрес за нас беше особено значајно и поради тоа што истото го сондираше мислењето на нашите граѓани, оние за кои ние работиме. Тоа што мене и на моите колеги ни дада најголемо признание за сработеното, но и огромен поттик, беше искажаната доверба на граѓаните во полицијата. Речиси две третини од испитаниците одговорија дека и веруваат и ја почитуваат полицијата во нивните средини што е далеку над европскиот просек од 42% од граѓаните кои и веруваат на полицијата. Исто така огромен мотив за напредок беше и мислењето на преку 80% од граѓаните кои сметаат дека полицијата може да даде поддршка секогаш кога треба што укажува дека тие се чувствуваат безбедно бидејќи знаат дека може да сметаат на нас.
Ваквите постигнувања не се без основа. Се зголеми откривачката функција во делот на економскиот криминалитет и нелегалната трговија со наркотици, а значително се намалени најтешките кривични дела, убиствата и разбојништвата. Имено, во изминативе 365 дена полицијата постапуваше по 26 убиства, стапка која е најниско ниво од самостојноста на Република Македонија, а регистрирани се и 20% помалку разбојништва. Во делот на шверцот со наркотици вреди да се истакне дека двојно беа зголемени заедничките операции во кои беа откриени меѓународни канали за криумчарење дрога. Продолжија Операциите „Босфор“ и „Диригент“, а беше заплената дрога тешка околу еден тон вредна над 25 милиони евра. Во делот на економскиот криминалитет беа регистрирани 704 дела за кои беа пријавени 1.129 сторители.
Ваквите постигнувања се должат и на несебичното залагање, но и на инвестирањето во обуки на кадарот, како и во модернизација на полицијата. Конечно по 12 години беа набавени нови полициски возила за да ги заменат старите и дотраени крајслери. Отворивме нова лабораторија во Одделот за крим-техника за компјутерски вештачења и реновиравме голем број на полициски станици. Го ставивме во функција проектот „Безбеден град“ со кој што Скопје се вброи меѓу европските метрополи покриени со безбедносен видео-надзор. Од полиција во која што никој не инвестираше со години, изградивме модерна служба која што е респектирана не само во регионот туку и пошироко. Потпишавме десетици меѓународни договори за продлабочување на соработката и размена на искуства и информации. Им бевме домаќини на голем број министри од Европа и регионот, а возвративме на бројни покани кои се уште еден доказ дека македонската полиција прерасна во рамноправен партнер на побројните и поискусните полициски служби.
Минатата година се соочивме и со критични ситуации кои ја потврдија присебноста и професионализмот на нашите полициски службеници. На 24 декември полициските службеници беа омаловажувани и изложени на агресија пред законодавниот дом, но не дозволија да бидат вовлечени во насилни сценарија. Во Полициската станица Штип беа напаѓани, туркани и навредувани и повторно не потклекнаа на провокациите. Покажаа дека вистинската сила е во законот и во одбрана на интересите на граѓаните. Покажаа дека Република Македонија е демократска држава и дека само граѓаните се тие кои одлучуваат која политичка опција има подобра визија и програма и ја заслужува нивната доверба да ја води земјата.
За жал потценувањето на униформата и секојдневниот ризик на кои се изложени полициските службеници не запре тука. Се обидоа да ги деградираат припадниците на безбедносните сили, враќањето на Јохан Тарчуловски, а деновиве повторно го актуелизираат и рушењето и дислоцирањето на спомениците на сите бранители и херои на Македонија.
Не можат да сфатат дека сите кои ја носат полициската униформа вложија по нешто во мирот и безбедноста на Република Македонија, а некои дадоа се. Тие херои не заслужуваат таков однос. Инструментализирани самонаречени невладини организации или политичари, ниту имаат, ниту ќе имаат мандат личните фрустрации да ги лечат со уривање. Тоа што не можат да ја видат големината на спомениците на бранителите, на Гоце, Даме или останатите великани кои се жртвуваа за Македонија, само говори колку се тие мали. Затоа на овој ден, во мое лично име и во име на вработените во Министерството за внатрешни работи сакам да им порачам дека тоа што самите не успеале нешто да изградат или да остават трага во историјата на земјава, не им дава право да ги уништуваат сеќавањата на оние кои со крв ги запишале своите имиња. Нема да дозволиме децата, сопругите и мајките на нашите колеги што ги жртвуваа животите во 2001 година да бидат сведоци како некој варварски се обидува да ги збрише паметниците на нивната жртва.
За жал и изминатава година бевме сведоци на десетици повредени полициски службеници главно при нарушувањата на јавниот ред и мир. Во посочениот период беа регистрирани 110 кривични дела „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“ а по преземени мерки се расветлени сите дела и мерки на кривичен прогон се преземени спрема 139 сторители.
Во изминатава година полициски службеници спасуваа животи, спречуваа кривични дела, приведуваа лица барани со домашни и меѓународни потерници. Една од најобемните задачи која заслужува и мора да биде издвоена е улогата на министерството во изборниот процес. Уште еднаш сакам да нагласам дека огромно признание заслужуваат сите полициски службеници кои учествуваа и во обезбедувањето на локалните избори. Со својот професионален ангажман не дозволија вољата на граѓаните да биде узурпирана, разобличувајќи ги сите манипулации и обиди за фрлање дамка врз изборите. Резултатот на огромното залагање беше оцената дека имавме фер, демократски, конкурентни и ефикасно спроведени избори на кои победија граѓаните.
Полициските службеници беа и остануваат да им служат и да ги штитат граѓаните. Нека ни е честит денот на полицијата и нека се нижат успесите во работењето.“