Делегација од Собранието на Македонија во официјална посета на Ирска

Пратеникот Александар Николоски во својство на Претседател на групата за соработка со Парламентот на Република Ирска од денес престојува во дводневна официјална посета на Република Ирска. Оваа е прва официјална посета на македонска делегација на Република Ирска на највисоко ниво. Делегацијата е предводена од Претседалот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски, а во неа покрај пратеникот Александар Николоски, учествуваат и пратениците Неџати Јакупи и Панче Орцев. Делегацијата ќе оствари средба со Претседателот на Република Ирска Мајкл Д. Хигинс.

Дводневната официјална посета на Ирска, која во моментов претседава со Европската унија, се остварува на покана на претседавачот на Претставничкиот дом на Ирска, Шон Берет.

При официјалната посета покрај средбата со Претседателот на Република Ирска Мајкл Д. Хигинс како и домаќинот, претседавачот на Претставничкиот дом на Ирска, Шон Берет, ќе се оствари средба и со министерот за европски прашања, г-ѓа Лусинда Креитон, средба со Заедничката комисија на Парламентот за европски прашања, средба со Ирско-македонската група за пријателство, како и средба со претставници на Македонската заедница во Ирска.

Во рамките на официјалната посета, предвидено е делегацијата да присуствува и на седница на Претставнички дом на Ирска – Даил, како и на седница на Ирскиот сенат.

Од оваа посета се очекува значајно потикнување на евро- интегративниот процес, особено што Република Ирска во моментов преседава со Европската унија, како и барањето за одредување  на датум за почеток на пристапни преговори помеѓу Република Македонија и Европската унија.