Вчера и денес(07-08.05) во Скопје се одржува работилница на тема „Аспекти и предизвици на јавните набавки во одбраната“, која се реализира од страна на Министерството за одбрана, во соработка со RACVIAC- Центар за безбедносна соработка, како и TAIEX- Инструментот за техничка помош и размена на информации – Генералниот директорат за проширување на Европската Комисија.
На свеченото отворање на работилницата, државниот секретар во Министерството за одбрана, Сашо Стефаноски, истакна дека воспоставувањето на пазарот за опрема во одбраната е од суштинско значење за зајакнување на технолошката и индустриската база во одбраната како и за развојот на воените способности потребни за спроведување на националниот систем и за усогласување со Европската безбедносна и одбранбена политика. Воедно, државниот секретар порача дека набавките во одбраната заземаат голем дел од јавните набавки на секоја земја и дека токму реализацијата на работилницата претставува несомнена потврда за одделните и заедничките напори и успеси во градењето и одржувањето на безбедноста во регионот и пошироко.
Истовремено, во процесот на воспоставување на пазари за опрема во одбраната и јавните набавки во областа, посочи државниот секретар, голем акцент е ставен на спречувањето на корупцијата и промоцијата на транспарентноста и владеењето на правото.
Претставникот на делегацијата на Европската Унија, Лукас Мелка, истакна дека повеќе од 40 години одбранбените пазари се фрагментирани и дека и денес постојат 27 различни видови потрошувачи и правни рамки во ЕУ, додека како цел го посочи воспоставувањето на единствен сет правила за јавни набавки во рамки на Унијата.
„Еден од условите за креирање на пазарот за опрема е воспоставување на соодветна правна рамка. Во поглед на набавките, вклучени се координирани процедури за доделување на договори со цел исполнување на безбедносните барања и обврски кои што произлегуваат од соодветните правила и договори. Креирањето на ваква правна рамка е клучен дел од процесот на проширување на Европската Унија“, додаде претставникот на RACVIAC, Милан Јанакиевиќ, кој се обрати во името на директорот на Центарот, амбасадорот Бранимир Мандиќ.
Дводневната работилница на која учествуваат 30 претставници од земјите-потписнички на Договорот со RACVIAC, експерти и претставници на МО и други институции во Република Македонија, има за цел да ја зајакне организацијата на набавките во одбраната, со што ќе се поддржи капацитетот на процесот на градење и размена на искуства и најдобри практики во областа на набавките во одбраната. Попрецизно, работилницата ќе обезбеди преглед на европската политика за јавни набавки, ќе овозможи дефинирање на принципите и критериумите за набавки, стимулација на истражувањето и развојот на соодветните законски рамки, потоа ќе претставува можност да се разговара за начините за превенција и откривање на коруптивните елементи во областа и да се изврши размена на антикорупциските политики и стратегии меѓу земјите- кандидати и потенцијалните земји-кандидати во ЕУ.