Владини реформи за зголемување на правата на малцинските акционери

На прес-конференција, портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев изјави дека на вчерашната седница Владата на Република Македонија, разгледуваше и усвои реформа во повеќе сегменти на Законот за трговски друштва, чиј целосен приказ ќе биде афирмиран во текот на следниот период од страна на Министерството за економија. На оваа прес-конференција би сакале да информираме за два аспекта на реформата и тоа првиот во поглед на воведување можности за засилување на акционерскиот активизам на малцинските акционери и давање поголеми права на оваа група, и вториот во поглед на прифаќање на барањата на сметководителите и пролонгирање на рокот за поднесување на годишните завршни сметки на компаниите.

Прво, во насока на зголемување на акционерскиот активизам на малцинските акционери и зголемување на нивните права, Владата одлучи да воведе нова можност за заштита и промоција на нивните интереси. 

Имено, со новиот текст на Законот акционер или група на акционери кои имаат најмалку 10% од основната главнина на трговското друштво, врз основа на постоење сомневање за можни нерегуларности во водењето на трговските книги и активностите на трговското друштво, односно дека трговското друштво постапува спротивно на одредбите од Закон за трговските друштва, имаат право да бараат од органот на управување да свика Собрание на трговското друштво на кое ќе се назначи овластен ревизор кој ќе изврши увид, ревизија, проверка, уверување или поврзани услуги во делокругот на активностите на трговското друштво за кои во барањето е изразено сомневање за постоење на можни нерегуларности. 

Доколку, по поднесувањето на барањето на малцинските акционери, Собранието на акционери не се свика во рок од 8 дена, или пак Собранието на акционери се свика, но одбие да номинира овластен ревизор или пак Собранието на акционери во рок од 60 дена од поднесување на барањето не донесе одлука за назначување на овластен ревизор, тогаш малцинските акционери кои поседуваат најмалку 10% од акциите од основната главница на друштвото можат да бараат од надлежен суд да донесе одлука за назначување на овластен ревизор. 

Малцинските акционери барањето до судот може да го поднесат во рок од 30 дена по завршувањето на една од трите претходно наведени ситуации во врска со однесувањето на Собранието на акционери. 

Во случај на назначување на овластен ревизор, или од Собранието на акционери, или пак од судот, овластениот ревизор треба да исполнува два услови, и тоа:

-со трговското друштво или акционерите да нема конфликт на интереси во смисла на Законот за ревизија,

-во последните три години да не давал консултантски услуги на трговското друштво или акционерите. 

Трошоците за назначување и надоместок за овластениот ревизор паѓаат на товар на акционерите кои го барале назначувањето. Доколку по завршувањето на увидот, овластениот ревизор утврди дека постојат нерегуларности во водењето на активностите, односно во работењето на друштвото, трошоците за назначување и надоместок за овластениот ревизор паѓаат на товар на трговското друштво. 

Овластениот ревизор назначен согласно одредбите од овој член, изготвува извештај согласно меѓународните стандарди за ревизија објавени во Службен весник на Република Македонија и истиот го доставува до подносителите на барањето и до трговското друштво на кое се однесува барањето. Трговското друштво е должно да му овозможи увид во извештајот од овластениот ревизор на секој акционер и на друго лице кое има правен интерес, во седиштето на друштвото на начин и постапка пропишана со Закон. 

Правото за поднесување на барање за назначување на овластен ревизор во наведениот случај може да се оствари во рок од една година од денот на сознавањето за постоење на можни нерегуларности во водењето на активностите на трговското друштво. 

Второ, Владата го прифати барањето на Комората на сметководители за пролонгирање на рокот за поднесување на завршните годишни сметки на микро, малите, средните и големите компании. Со досегашниот текст на Законот компаниите имаа обврска годишната завршна сметка за претходната (оперативната) година да ја достават до Централниот регистар на Република Македонија до 28 февруари во годината што следи по претходната (оперативната) година. Со новите измени, новиот рок до кој што компаниите ќе може да ја поднесат годишната завршна сметка за претходната (оперативната) година е 15 март во годината што следи по претходната (оперативната) година. Средните и големите компании ќе имаат обврска да ја поднесат својата завршна годишна сметка исклучиво во електронска форма. 

Трговците поединци ќе може како и досега годишната завршна сметка да ја доставуваат до 15 март, и во хартиена и во електронска форма. 

Со овие измени и нови можности се даваат нови можности и за сметководителите и за нивните клиенти и се излегува во пресрет на нивно директно барање. 

Владата ќе продолжи со реформи за подобрување на деловната клима и бизнис опкружувањето.