Младински Совет Охрид, Фондацијата Конрад Аденауер, претставништво во Република Македонија и Центарот за Европски студии од Брисел започнуваат со реализација на проектот „Мост помеѓу политиката и граѓанското општество – јакнење на учеството на младите на локално ниво“ во три општини во Македонија, Охрид, Струга и Ресен.
Денес се одржа подготвителен состанок како дел од проектот, на кој што учесниците се запознаа со целите, активностите, задачите и очекуваните резултати кои што се составен дел од проектот.
„Целта на проектот ни е да формираме едно јадро на млади, меѓутоа за разлика од досегашните наши активности сакаме да биде комбинација на претставници на политичките подмладоци и граѓанскиот сектор. Токму затоа и самиот проект носи наслов: Мост помеѓу политиката и граѓанскто општество, а основната цел е јакнење на нивните капацитети, значи она што сакаме да го направиме е да формираме едно јадро на група од 30-40 тина млади, од Охрид, Струга и Ресен кои што на соодветен начин преку тренинзи ќе бидат едуцирани, ќе бидат зајакнати нивните капацитети, со цел да понатаму да можат да работат на јакнење на креирање на политики, меѓутоа и на решавање на конкретни проблеми“. – истакна Димче Каневче, претседател на Младински Совет Охрид.
Како што рече Каневче, планирано е да се направи едно истражување во овие три општини, со цел да се увидат реалните потреби и проблеми на младите. Тој вели дека предвидени се неколку форуми на кои би се дискутирало околу тие проблеми и прашања.
„Исто така ќе имаме и една конференција која што се надевам дека ќе имаме документи кои што ќе бидат подржани и прифатени од локалните самоуправи на трите општини, што на некој начин ќе биде и почеток на еден нов процес понатаму, па за реализациија на решавањето на проблемите кои ќе бидат поставени како предизвик за работа“. – додаде Каневче.
Со овој проект ќе се делува во насока на запознавање и зближување на младите во трите општини, која ќе придонесе да младите заеднички без разлика на политичката или етничката припадност активно се вклучат во остварување на целите кои ќе обезбедат подобар живот на младите во нивните општини.
WebOhrid