42-ри по ред Општински натпревар по прва помош под мотото „Знам да спасам живот“

Несреќите се случуваат секојдневно и насекаде: во домот, на улица, на училиште, на работно место, на игралиште, во природа и каде ли уште не. Во таквите ситуации правилното укажување прва помош значи спасување човечки живот. 

Во рамките на своите активности во делот на првата помош Црвен крст Охрид на 11.05.2013 (сабота) со почеток во 12:00 ч., под мотото „ЗНАМ ДА СПАСАМ ЖИВОТ”, ќе го организира традиционалниот, 42-ри по ред, Општински натпревар по прва помош. На натпреварот, стекнатите знаења и техники за укажување на прва медицинска помош ќе ги покажат 300 ученици-натпреварувачи од сите основни и средни училишта од Охрид и Дебарца, организирани во екипи во категорија подмладок и категорија младина. 

И оваа година на општинскиот натпревар ќе се применуваат критериуми и стандарди кои се спроведуваат при одржување на европските натпревари по прва помош. Во таа насока натпреварувачите, но и посетителите на оваа манифестација на повеќе пунктови низ градот Охрид, почнувајќи од паркот пред Центарот за култура „Григор Прличев” продолжувајќи по градскиот кеј, до СРЦ  „Билјанини Извори”, ќе бидат сведоци на симулирани-реални случки на несреќи, изведени од членовите на актерските групи од Охрид, како и реалистички приказ на повреди, подготвени од посебно обучени шминкери за ПП на Црвен крст Охрид. За регуларноста и оценувањето на натпреварувачите ќе се грижат 18 судии на Црвен крст Охрид.

Присутните наши сограѓани ќе имаат прилика и можност да научат како правилно се укажува прва помош и да добијат бесплатни совети од инструкторите за прва помош.