Со спроведување на новите одредби од Законот за превоз во патниот сообраќај, само во текот на изминатата недела трајно беа одземени девет возила од нелегални превозници, кои вршеле нелегален превоз на патници.
“Практично во изминатиот период, односно во текот на минатата година и првиот квартал на оваа година ние направивме над 400 заеднички контроли, каде што инспекторатот е носител на контролата, а министерството за внатрешни работи дава асистенција, беа одземени 220 возила. Меѓутоа со законските измени и овозможувањето на трајно одземање на возилата на превозниците кои нелегално вршат превоз во патниот сообраќај, само во текот на вчерашниот и завчерашниот ден беа трајно одземени девет возила“, изјави министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска при заедничката посета со министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на Агенцијата за одземен имот на РМ во Идризово.
Двајцата министри изразија уверување дека новите измени во Законот за превоз во патниот сообраќај, целосно ќе се имплементираат и континуирано применуваат, притоа потенцирајќи дека ќе продолжат и заедничките контроли и во наредниот период во рамки на натамошната соработка на двете министерства.
Деветте возила кои беа запленети минатата недела се во вредност од 10 милиони денари и тие ќе и припаднат на државата. Министерот Миле Јанакиески истакна дека со оваа акција сакле да им излезат во пресрет на легалните превозници, со што анализите покажале дека бројот на патници кај легалните превозници бил драстично зголемен.
Според Јанакиески со трајно одземање на возилата, се работи за возила кои во просек чинат околу 15.000 евра, нема да се исплати вршењето незаконскио превоз, бидејќи покрај одземањето на возилото, нелегалните превозници плаќаат и глоба од 500 евра. Првичните согледувања по акцијата која ја спроведоа министерствата за внатрешни работи и за транспорт и врски покажуваат дека се зголемил бројот на патници кои легално ги купиле своите билети.