Црвен крст изминатиов викенд реализира голем број хуманитарни активности

Викендот што измина беше збогатен со голем број хуманитарни активности на Црвен крст Охрид, кои се реализираа во рамки на програмата за одбележување на Неделата на Црвениот крст. 

Саботата беше реализирана успешна крводарителска акција на која драгоцената течност ја даруваа 120 хумани наши сограѓани. Крводарителската акција беше збогатена со голем број изненадувања, награди и забава. На 42-от општински натпревар по прва помош, преку 300 ученици се дружеа и забавуваа, но и натпреваруваа во вештините и техники за укажување прва помош. На натпреварот, првото место во категоријата подмладок го освои екипата на ОУ Братство Охрид, а во категоријата младина првото место го освои екипата на ОСУ Св.Климент Охридски-Гимназија.

Неделата беше резервирана за активности во природа. Децата кои ја следат програмата Бреинобреин во рамки на Центарот за развој на животни вештини во Црвен крст Охрид, со своите инструктори и родители беа на активен излет во с. Велестово. Тие во едукативниот тренинг центар на Црвен крст Охрид на креативен начин ги покажаа стекнатите вештини и техники. 

На другата страна, преку 30 заљубеници на планината и планинарењето беа дел од планинарскиот марш до до врвот Магаро (2280 мнв), на планината Галичица, предводен од членовите на Единицата за спасување на планина и непристапни терени на Црвен крст Охрид.

Активностите за одбележување на Неделата на Црвениот крст финализираат денес кога во 19 ч. во Центарот за култура Григор Прличев ќе се одржи хуманитарна претстава со наслов ЗА СИТЕ ДЕЦА НА СВЕТОТ во реализација на учениците од ОУ Живко Чинго. Средствата собрани од продажбата на влезниците (50 ден.) ќе бидат наменети за медицинска помош на малата Ивана која се соочува со сериозен здравствен проблем.

Од Црвениот крст изразуваат искрена благодарност до сите субјекти, медиуми, поединци, фирми, институции кои ги поддржаа и помогнаа хуманитарните активности.