Борко Ристовски член на Барселона во наредните две сезони

Македонскиот ракометен репрезентативен голман Борко Ристовски наредните две сезони ќе брани за гигантот Барселона. Тој потпиша две-годишен договор, а ќе се пресели во Шпанија по завршувањето на оваа сезона со неговиот досегашен клуб, Рајн Некар Ловен.

„Драги пријатели и фанови. Сакам да споделам најпрво со вас дека во следните две сезони ќе бидам член на Барселона. Договорот го потпишав во текот на вчерашниот ден после завршувањето на медицинските прегледи. Морам да кажам дека е огромна чест и признание за мене како спортист, но и како Македонец повикот од Барселона. Сите оние работи во животот кој што ги испуштив поради мојата посветеност на ракометот, на крајот се исплатија. Моето заминување од Рајн Некар Ловен беше тешка одлука. Но, повикот од гигант како Барселона не се одбива. Единствено жалам што мојот татко не е со мене заедно да се израдуваме на овој мој трансфер. Но верувам дека од некаде гледа и е горд на својот син. Ви благодарам за целата поддршка сите овие години, сигурно без вас немаше да стигнам до тука каде што сум сега. Благодарам и на сите позитивни критичари… заради сите вас бев подобар. Со ова сакам да ја затворам темата „Барселона“ и да останам фокусиран на успехот со мојот сегашен клуб Рајн Некар Ловен со кој ни преостануваат пеколни три месеци во борба за освојување на бундес лигата и Купот на Германија. Уште еднаш ви благодарам на сите за поддршката“, – изјави Ристовски на својот Facebook профил.

WebOhrid