Во Фудбалската федерација се работи домаќински

Фудбалската федерација на Македонија на официјална прес конференција ги објави финансиските резултати од своето работење. Финансиските извештаи покажуваат дека ФФМ има раст на приходите од 31,5% во однос на минатата година, при речиси исто ниво на вкупни трошоци, што значи подобрување на финансиската сосојба на федерацијата. Она што е забележливо од извештаите е значително намалување на нефудбалските расходи и нивна прераспределба во подобрување на квалитетот и професионализмот на стручните кадри инволвирани во сите фудбалски категории, а се со цел развој на македонскиот фудбал. Извештајот покажува и значително намалување на долгот кон добавувачите во однос на минатата година.

Инвестирањето во развојот на младите фудбалери, во стручните кадри, како и во подобрување на фудбалската инфраструктура и понатаму ќе биде приоритет на работењето на ФФМ. Финансиската консолидација е резултат доброто водење на Фудбалската федерација на Македонија и на правилните одлуки на УО на ФФМ, која во иднина со поголема сигурност ќе биде сигурен партнер на успешните фудбалски проекти во земјава.

За прв пат од своето работење ФФМ јавно и транспарентно ги покажува своите финансиски резултати, со што покажува сериозност и одговорност во своето работење, почит кон своите членови-фудбалските клубови, и надеж дека ваквата транспарентност ќе стане традиција, а стекнатата доверба кон федерацијата ќе продолжи.

“Фудбалот отсекогаш бил популарен спорт во Македонија, а за повеќето и најважната споредна работа во животот. Спорт кој бара посветеност, позитивна енергија за фер натпревар,  взаемно почитување и тимска работа. Токму со цел да ги поддржиме овие вредности, и да помогнеме во уште поголем развој на фудбалот во Македонија, денес ги објавивме финансиските резултати на фудбалската федерација. Тое е чин кој и понатаму ќе го практикуваме и со што се надеваме, и понатаму ќе ја заслужуваме довербата на нашите клубови, како и на пошироката јавност, а за фудбалот ќе се разговара со страст во Македонија. ФФМ и понатаму ќе поддржува проекти што се значајни за развојот на фудбалот, ќе го популаризира фудбалот, и се надеваме на поголеми успеси во иднина“, изјави Илчо Ѓорѓиевски претседател на ФФМ.