Пред голем број гинеколози и акушери од Р.Македонија и од десеттина земји од странство, во хотелот Инекс беше отворен Третиот Конгрес на гинеколози и акушери на Македонија со меѓународно учество.
Пред присутните врвни лекарски имиња од Р.Македонија и доктори од голем број земји од Европа, Америка и Азија, се обрати Градоначалникот на Охрид, др. Никола Бакрачески, кој во својот поздравен говор го истакна своето задоволство од нивното присуство во Охрид.
„Почестени сме што Охрид, вечниот град на митскиот Балкан, е избран да биде местото каде ќе се стекнат нови знаења, искуства и пријателства. Античкиот и средновековниот Охрид, гостољубиво отворајќи им ја вратата на посетителите отсекогаш бил мост за поврзување на народите. Нека и деновиве Охрид биде мостот за продлабочување на врските и проширување на научните хоризонти“. – истакна Градоначалникот Бакрачески.
Потенцирајќи го значењето на ваквите собири за размена на искуствата од врвните медицински имиња во областа на гинекологијата, Градоначалникот Бакрачески напомена: „Нашиот однос кон современите светски научни текови, прифаќањето на меѓународните медицински искуства и подобрувањето на научната практика, се столбови на кои се гради современото македонско здравство. Се надевам дека темите кои ќе бидат презентирани на овој научно-репрезентативен собир, ќе претставува збогатување на знаењата од областа на гинекологијата и акушерството, кои понатаму ќе ја подобруваат здравствената практика од овој значен дел од медицината“.
Конгресниот туризам има големо значење за туризмот и презентацијата на Охрид како туристичка дестинација.