Неопходно е извршување на комплексна работа и широк спектар на дејствија и активности за да се привлечат туристи. Македонија има многу природен потенцијал за сите видови туризам, но досега не беше обрнувано внимание на туризмот. Откако почна да се обрнува внимание веќе почнуваат да доаѓаат првите резултати.
Ова го истакна премиерот Никола Груевски во одговор на прашање по посетата на Дојран заедно со генералниот директор на АД ЕЛЕМ Дејан Бошковски.
„Радува фактот што во март годинава бројот на туристи во Македонија е зголемен за 7,5 отсто во однос на истиот месец од 2012 година, а бројот на ноќевања пораснал за 10,2 отсто. Тоа се сериозни трендови на зголемување на бројот на туристи и кои не доаѓаат сами со себе, туку се резултат на многуте активности на Владата и на многу работа, ангажман и спроведени проекти за зголемување на туристичката понуда“, изјави Груевски.
Тој посочи дека Владата во изминатиот период инвестираше во нови плажи во Охрид, Дојран и на други места, ја подобри туристичката понуда и во останатите градови, во планинскиот и руралниот туризам. Ја подобри патната инфраструктура и овозможи изградба на хотели на земјиште кое се продава по едно евро за метар квадратен. Тоа, како што кажа, овозможи да се градат хотелите „Мериот“, „Хилтон“ и „Ибис“, а наскоро, додаде, најавена и градба на други хотели со франшиза од познати светски брендови.
„Посветеноста што ја имаме во развојот на туризмот дава резултати. Инвестиравме во многу проекти за привлекување туристи, по првпат понудивме субвенции за носење туристи, а имаме и Комитет за развој на туризмот на кој разгледуваме неколку стотици точки кои самите посебно изгледаат како мали, а кога се на куп се сериозен мозаик кој секоја година доаѓа на површина и кого го препознаваат туристите и повеќе доаѓаат во Македонија. Резултати во привлекувањето на туристите дава и неколкугодишното рекламирање на Македонија како туристичка дестинација на повеќе меѓународни телевизии и весници. Не може само со една или две работи да се привлечат туристи, туку е неопходно широк спектар на дејствија и активности за тоа да се направи. Секој кој ќе каже дека се неопходни само една до две работи лаже“, истакна Груевски.
Се покажа дека кога се обрнува внимание на туризмот доаѓаат и резултатите, а константното зголемување на бројот на туристи и на ноќевања е само еден од показателите дека работите се движат во добра насока, нагласи премиерот Груевски.