Колку и да се квалитетни законите и правилата, доколку не ги применуваме, ќе останат обични букви на хартија. Затоа овие натпревари низ кои минуваат стотици илјади деца и средношколци се мотивирани токму од потребата – познавањето и почитувањето на сообраќајните норми да стане дел од секојдневното поведение, особено кај младата популација, истакна министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на отворањето на државните натпревари „Детски семафор 2013“ и „Сообраќајно техничка култура на младите 2013“ кои се одржаа во скопското средно училиште Васил Антевски Дрен.
Таа потенцираше дека само преку континуираната работа, односно преку подигањето на јавната свест, особено кај најмладата популација, со квалитетно едуцирање и укажување на проблемите и ситуациите кои можат да настанат во сообраќајот, би можело заеднички да се стигне до посакуваната цел – анулирање на бројката на деца жртви во сообраќајот.
Според Јанкулоска МВР е доследно во спроведувањето на таа мисија, не само, како што рече, заради тоа што безбедноста во сообраќајот е дел од постојаните работни обврски и задачи на Министерството, туку и заради фактот што нема ништо повозвишено од трудот и активностите насочени кон поголема безбедност на граѓаните, а особено на децата.
Во рамките на сите циклуси на овие државни натпревари „Детски семафор“ и „Сообраќајно техничка култура на младите“ наменети за основците и средношколците, кои се одржуваат преку четириесет години во сите средини, а во организација на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, минуваат над 300.000 ученици од основните и средните училишта во државата.