Охридските пожарникари со бројни активности го одбележаа 20 мај, Денот на пожарникарството во Република Македонија. Најпрво пожарникарите продефилираа со противпожарните возила по улиците во Охрид, потоа следуваше презентација на противпожарната опрема во дворот на Пожарната, каде што граѓаните имаа можност да видат со какви возила располага противпожарната едниница во Охрид.
По повод овој ден во салата во противпожарниот дом се одржа свеченост на која пред присутните прв им се обрати секретарот на Општина Охрид, Димитар Спасески.
„Ми претставува огромна чест и задоволство во име на градоначалникот на Општина Охрид да го честитам денот на пожарникарите. Да си посакаме да има што помалку работа во она што тие го имаат. Досега знаеме дека се многу успешни. Противпожарната единица во Охрид функционира одлично, во иднина ќе направиме максимални заеднчки напори, заедно со вработените во противпожарната единица, тој процес да го унапредиме, да овозможиме и да се одвива со посовремени средства, со посовремни возила и опрема, со што на граѓаните на Охрид би му овозможиле да бидат позаштитени во случај на пожар“. – истакна Спасески.
Командирот на охридската Противпожарна единица, Спасе Прентоски, во своето обраќање пред присутните најпрво му се заблагодари за убавите честитки на секрекратарот Спасески како и на Градоначалникот на Општина Охрид Никола Бакрачески за како што рече, што се овозможи на овој начин да се одбележи, да се прослави Денот на пожарникарството. Прентоски потсети на причината зошто се слави 20 мај, Денот на пожарникарството.
„20 мај 1836 година во Р.М во Битола формирано е првото доброволно противпожарно друштво со указ на валијата Румелиски. Од причини и пред тоа 1834год. појавен е пожар во Битола каде што биле изгорени и опожарени 2100 куќи и дуќани. Со неговиот указ формирано е првото доброволно друштво од 15 пожарникари. Во општина Охрид пожарникарството датира од 1886 до 1890 год. 1933 година е формирано првото доброволно противпожарно друштво во општина Охрид. Посебно ми е чест да кажам дека денес славиме 80 години од првото доброволно противпожарно друштво во Охрид. Во 1938 година охрид добива и униформирана противпожарна служба и 40 година веќе се чувствува зголемувањето на бројот на пожарникарите како потреба за заштита и интервенирање во градот Охрид“. – потсети Прентоски.
Како што потенцира Прентоски, Противпожарната едница во Охрид технички и кадровски е добро, доволно организирана согласно законските прописи и може успешно да одговори на сите полиња во поглед на заштита од пожари и сите други проблеми кои што се случуваат на подрачјето на општина Охрид.
„Територијалната противпожарна единица од Охрид има потреба од поинакво организирање во поглед на нов противпожарен дом, со сопствен простор за функционално, оперативно и стручно усовршување со сите елементи согласно законот и правилниците кои што треба еден против пожарен дом да ги поседува. Тогаш мислам ќе бидеме уште попрофесионални, поприспособени во поглед на потребите кои што треба да ги пружиме кон општеството и кон граѓаните на Охрид“. – напомна Прентоски.
Активностите продолжија со Крводарителска акција на пожарникарите во Медицинскиот центар Охрид.
WebOhrid