Во Националната Установа Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид денес и утре ќе се прикажува филмот „ЛУРДС“ – филм за надежта, верата и љубовта. Почеток на филмот е во 20:00 часот, а влезот чини 100 денари.
Историјата на филската уметност е полна со дела кои обработуваат теми сврзани со чуда и феномени. Од делото на Виторио де Сика “Чудото во Милано”, па до Престон Страџис и неговото “Чудото на Морган Крик”. Фасцинацијата за овие теми е предизвик за многу автори, без разлика дали она што го обработуваат е реално, имагинарно, лажно или метафорично.
Овој брилијантен филм на австриската режисерка Џесика Хаузнер (поранешна асистентка на Михаел Ханеке) е реална приказна за Кристин (Силви Тестид), една од милионите аџии кои се во потрага кон Чудо кое би ги исцелило нивните болести или проблеми. Едно од најпознатите свети места кое аџиите го посетуваат секоја година е Лурд, место во подножјето на Пиринеите, кадешто 1858 година Бернадет Субиру ја виде визијата на Пресвета Богородица. Повеќе од 150 години милиони луѓе го посетуваат ова свето место и бараат помош од Мајката Божја и силата на Светиот дух да бидат исцелени или да им се помогне.
Кристин е млада жена болна од мултиплекс склероза која и покрај сериозноста на својата болест нема изгубено надеж дека ќе се исцели.Со илјадници слични на неа – болни, хендикепирани, побожни, љубопитни, скептични – таа ги посетува специјалните миси, бањите, продавниците за сувенири, разните светилишта во оклината под будното око на средовечна калуѓерка од некаков католички монашки ред. Оваа тивка, полна со надеж, вера и страв од смртта жена низ филмот станува сведок на многу неочекувани случки и приказни на несреќници кои не ја изгубиле надежта за „подобро утре“, па дури за момент се чуствува и самата подобро.
Сите тие сведоштва се полни со прекрасни тажни но и духовити приказни, извонредно водени од Хаузнер. Една од нив е приказната што еден од водичите восхитено им раскажува на свештеник и негувателка. Приказна за Исус, Светиот Дух и Дева Марија, кои разговарале за места кои би било убаво да ги посетат. Светиот Дух предложил тоа да е Лурдс – „ Извонредно“ – воскликнала Пресветата, „Јас никогаш не сум била таму“.
Бриљантна режија (филмот е сниман помеѓу вистински аџии во Лурдс, со дозвола на Католичката црква и личи на места како документарец), со извонреден кастинг и неверојатно добра глума на Силви Тестид (за оваа улога доби извонредни признанија, меѓу кои и Европската награда за најдобра женска улога 2011 година), која во овој филм првично е нашите очи и уши.