Здружението на граѓани „Локална Агенција за Развој“ – Струга, денес во Охрид го промовираше Проектот „Филантропија-Човекољубие на дело“.
„Целта на самиот проект е да се промовира Филантропијата во југозападниот регион пред се во општините Охрид и Струга“, – изјави Катерина Василевска координатор на проектот.
Реализатор на овој проект е Здружението на граѓани „Локална Агенција за Развој“, Струга како дел од програмата на „CIVICA Mobilitas“ имплементирана од Центарот за институционален развој „ЦИРа“ и финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка „SCD“.
„Со презентацијата на овој проект се очекува да се побуди интересот кај граѓаните и бизнис заедницата со цел истите да се вклучат во понатамошните активности и да почнат да предлагаат кандидати за „Изборот филантроп“, кој ќе се одржи во рамки на завршната фаза од проектот. Исто така граѓаните ќе може да поднесуваат и идеи за проекти кои се од значење за заедницата, а би можеле да се поддржат од страна на локалните филантропи“, – вели Василевска.
Во рамки на проектот ќе се изврши и директно истражување на терен, кое ќе има за цел да ги согледа досегашните практики на донирање во двете општини, со што ќе се добие слика, за што, колку и на кој начин се донирало во претходниот период. Ќе бидат спроведени низа активности за поттикнување на компаниите и индивидуалците да се здружат и да го донираат своето знаење, време или средства во локалните заедници на еден стратешки и фокусиран начин, со цел да се постигне долгорочно и позитивно влијание во сите сфери од општеството.
„Врз основа на тие податоци ќе биде направен каталог со успешни донации кој ќе придонесе за понатамошна промоција на филантропијата и ќе ги уважи постојните филантропи. Покрај лоцирањето на филантропите, истражувањето ќе има за цел да утврди и локални проекти, кои може да се реализираат во иднина“, рече Елена Михајловска, истражувач во проектот.
На крајот од проектот ќе биде организиран специјален настан на кој ќе се презентираат резултатите од проектот, ќе се прибираат средства за финансирање на избрани активности од претходно направеното истражување и ќе им се доделат пригодни награди на најдобрите локални филантропи.