Премиерот Никола Груевски по повод Националниот ден на Власите испрати честитка до влашката заедница во Македонија.
„Дозволете ми во името на Владата на Република Македонија и во свое лично име, да Ви упатам срдечни честитки по повод 23 Мај – Националниот ден на Власите и да Ви посакам многу здравје, успех, благосостојба и напредок на Вас и Вашите семејства.
Власите се конститутивен дел од македонското мултинационално општество, а влашката заедница во Република Македонија како дел од влашкиот народ кој е распространет низ повеќе земји, дала значаен историски, општествен и културен придонес во современата македонска држава. Влашките идентитетски белези се едни од најкарактеристичните симболи во македонската култура и се значаен дел од фолклорот и традицијата на нашата земја. Токму затоа, Република Македонија со гордост го прославува Националниот ден на Власите кој уште од далечната 1905 година е симбол на самоидентификација и себеспознавање на влашката заедница.
Честитајќи Ви го денешниот празник, дозволете ми да го изразам своето уверување дека и во идниот период ќе продолжиме заеднички да чекориме по патот на реформите и модернизацијата на нашата земја, со заложби за постигнување на економски развој и подобрување на стандардот на граѓаните, во реализацијата на севкупен прогрес на државата, и реализација на нашите европски и евроатлантски интеграции со цел изградба на напредна Република Македонија.
Нека Ви е честит 23 Мај – Националниот ден на Власите!“ – стои во честитката од Премиерот Груевски.