Премиерот Никола Груевски им го честиташе националниот ден на Власите

Премиерот Никола Груевски по повод Националниот ден на Власите испрати честитка до влашката заедница во Македонија.

Дозволете ми во името на Владата на Република Македонија и во свое лично име, да Ви упатам срдечни честитки по повод 23 Мај – Националниот ден на Власите и да Ви посакам многу здравје, успех, благосостојба и напредок на Вас и Вашите семејства.

Власите се конститутивен дел од македонското мултинационално општество, а влашката заедница во Република Македонија како дел од влашкиот народ кој е распространет низ повеќе земји, дала значаен историски, општествен и културен придонес во современата македонска држава. Влашките идентитетски белези се едни од најкарактеристичните симболи во македонската култура и се значаен дел од фолклорот и традицијата на нашата земја. Токму затоа, Република Македонија со гордост го прославува Националниот ден на Власите кој уште од далечната 1905 година е симбол на самоидентификација и себеспознавање на влашката заедница.

Честитајќи Ви го денешниот празник, дозволете ми да го изразам своето уверување дека и во идниот период ќе продолжиме заеднички да чекориме по патот на реформите и модернизацијата на нашата земја, со заложби за постигнување на економски развој и подобрување на стандардот на граѓаните, во реализацијата на севкупен прогрес на државата, и реализација на нашите европски и евроатлантски интеграции со цел изградба на напредна Република Македонија.

Нека Ви е честит 23 Мај – Националниот ден на Власите!“ – стои во честитката од Премиерот Груевски.