Премиерот Никола Груевски упати честитка по повод 24-ти мај, Денот на Македонските и сесловенските просветители, Светите браќа Кирил и Методиј.
„Ми претставува особено задоволство во мое лично име и во името на Владата на Република Македонија, да Ви го честитам 24 Мај – Денот на македонските и сесловенските просветители, Светите браќа Кирил и Методиј.
На овој величествен ден им укажуваме искрена и голема благодарност на големите мисионери на христијанството и светите апостоли на словенската култура и цивилизација. Делото на Светите браќа Кирил и Методиј во Македонија и во поширокиот регион е непроценливо, и нивна е заслугата за всадувањето на христијанските учења и вера кај нашите предци. Благодарение на првата словенска азбука – глаголицата која била создадена од Кирил и Методиј, многу народи, меѓу кои и македонскиот народ, добија можност на свој разбирлив јазик да ги примат и шират христијанските вредности, да навлезат во сеопшт културен, духовен, творечки и сеопшт развој, но и да го градат државно правниот развој на своите народи.
Наша е честа и привилегијата да живееме и твориме на земја во која сесловенските просветители поминаа голем дел од својот живот, црпеа духовна сила од македонските светилишта и макотрпно го градеа своето мисионерско дело. Она што тие го оставија зад себе ќе остане како неизбришлив паметник за она што претставува синоним за верба, ученост, способност и трудољубивост. Во нивна чест и слава да продолжиме со создавањето на трајни вредности за сестран развој на нашата држава и општество. Нивниот лик ќе остане вечно да се празнува и да инспирира голем број идни македонски поколенија.
Нека е вечно нивното име и нека ни е за многу години големиот државен празник Свети Кирил и Методиј!“ – се вели во честитката од Премиерот Груевски.