Премиерот Никола Груевски се сретна со премиерот и со претседателот на Казахстан

Претседателот на Владата нa Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (23.05.2013 година) во Астана оствари билатерална средба со премиерот на Република Казахстан г-дин Серик Ахметов како и работен ручек со претседателот на Република Казахстан г-дин Нурсултан Назарбаев.

На средбата со Премиерот на Република Казахстан соговорниците се согласија дека не постојат отворени прашања меѓу двете држави, потенцирајќи дека добрите и пријателски политички односи треба да ги следи поинтензивна економска соработка.

Посетата на македонскиот Премиер на Република Казахстан и неговото учество на глобалниот Економски форум „Астана 2013“ е  израз на заедничкиот интерес и подготвеност за натамошно интензивирање на политичкиот дијалог и продлабочување на билатералната соработка во областите од заемен интерес.

Во таа насока премиерот Никола Груевски посочи дека  во наредниот период ќе биде отворена македонска амбасада во Казахстан и ќе биде назначен инвестициски промотор на Република Македонија кој ќе има задача да ги промовира инвестициските капацитети на државата и да оствари економска соработка со бизнис заедницата на Казахстан.

Од страна на премиерот Груевски беше истакната важноста со оглед на геостратешката позиција на државата Казахстан во Централна Азија, за интензивирање на редовната комуникација меѓу двете земји, поздравувајќи ја политиката и напорите за отвореност на Казахстан за постигнување на поголемо запознавање на двата народи, желбата за економска соработка и подготвеноста да се дискутира за економски важните области.

Од страна на премиерот Груевски на политички план беше истакнато дека почестите контакти и размената на делегации од двете земји на различни нивоа, се еден од начините да се разменат непосредни информации од различни области на заемен интерес и да се овозможи олеснување и интензивирање на заедничката соработка.

Премиерот Груевски го информираше казахстанскиот Премиер за стратешките определби и приоритети во надворешната политика на Република Македонија во контекст на ЕУ и НАТО интеграциите.

Премиерот Груевски ја истакна важноста за воспоставување на ефикасна правна рамка за регулирање на политичко-економските односи помеѓу земјите, особено на полето на економијата. Токму таа волја во 2012 година резултираше со склучување на Договорот за одбегнување на двојното оданочување, Договорот за заемна заштита на инвестициите и Договорот за трговска и економска соработка што овозможи солидна рамка за развој на економските односи меѓу двете држави. Премиерот Груевски истакна дека овие договори се ратификувани од македонската страна и дека истото се очекува да биде направено од страна на Република Казахстан што ќе влијае на создавање на добра основа за продлабочување на соработката меѓу двете држави.

Истовремено премиерот Груевски ги нагласи реформите и добрите услови кои нашата земја ги овозможува на странските инвеститори, а кои Република Македонија ја прават атрактивна за инвестирање и потенцијална бизнис дестинација за многу заинтересирани инвеститори.

Премиерот Груевски истакна дека во Република Македонија се добредојдени казахстанските инвеститори кои се заинтересирани за зголемување и проширување на инвестициските можности.

Премиерот Груевски го покани својот казахстански колега, премиерот г-дин Серик Ахметов на возвратна посета на Република Македонија.

Претседателот на Владата на Казахстан г-дин Серик Ахметов го поздрави интензивирањето на меѓусебните односи истакнувајќи дека Казахстан е заинтересиран за продлабочување на пријателските односи со Македонија. Тој истакна дека Република Казахстан има интерес за насочување на економските инвестициски активности на европскиот пазар, во кој составен дел е и Република Македонија.

Премиерот на Казахстан, г-дин Ахметов искажа благодарност до премиерот Груевски за посетата на неговата држава како и неговото учество на економскиот форум кој преставува добра можност за промоција и запознавање на економските капацитети и потенцијали на државите, и добра шанса за унапредување на економската соработка, како и споделување на различните гледишта и искуствата околу глобалните економски предизвици.

Премиерот Серик Ахметов истакна дека овие денови во Република Казахстан се присутни претставници на силни и големи компании, стопанственици и менаџери посочувајќи дека тоа е добра подлога за остварување на соработка и развој на меѓусебните односи.

Премиерот на Република Казахстан истакна дека светот го сочинуваа сите држави, големи и мали, кои се развиваат и придонесуваат за економската стабилност. На тој план Балканот како регион е важен за Република Казахстан, вклучувајќи ја и Република Македонија како пријателска држава и партнер на Казахстан.

Премиерот Груевски оствари и работен ручек со претседателот на Република Казахстан, г-дин Нурсултан Назарбаев.

Соговорниците го поздравија интензивирањето на меѓусебните контакти посочувајќи дека тоа ќе биде во функција на отпочнување и развој на интензивен дијалог помеѓу двете страни и подинамична соработка помеѓу земјите особено на економско ниво.

Премиерот Груевски го потенцираше интересот за зајакнување на економската соработка, потребата за економска и трговска размена, како и иницирање на инвестициските активности меѓу двете држави.

Премиерот Груевски нагласи дека двете пријателски држави треба да продолжат да градат солидна клима за унапредување на економската соработка.

Од страна на претседателот на Република Казахстан Назарбаев беше изразена волја и интерес за унапредување на соработката и на државно ниво и на полето на приватната иницијатива помеѓу компаниите од двете земји. Претседателот Назарбаев изрази задоволство за учеството на премиерот Груевски на Економскиот форум „Астана 2013“ посочувајќи дека тоа позитивно влијае за зацврстување на пријателските односи меѓу двете држави.