Попоски учествуваше на конференцијата “10 години по Солун: оценка на ЕУ перспективата и предизвиците во Западен Балкан“

Mинистерот за надворешни работи Никола Попоски денеска во Даблин учествуваше на конференцијата “10 години по Солун: оценка на ЕУ перспективата и предизвиците во Западен Балкан“.

Конференцијата имаше за цел да ја одбележи десетгодишнината од донесувањето на Солунската Агенда за процесот на проширување на Европската унија со земјите од Балканот, да се оцени постигнатиот напредок, тековните предизвици и перспективите за успешно заокружување на овој процес. На собирот беа дискутирани промените во политиката на проширување на ЕУ генерално и кон Балканот, пост – Лисабонските предизвици – кризата на еврото, економската стабилизација, како и идните чекори во интеграцијата на земјите од Балканот во ЕУ.

Министерот Попоски имаше свое обраќање на сесијата посветена на иднината на проширувањето на Унијата со земјите од Балканот. “За Балканот нема друга веродостојна и оддржлива алтернатива, освен целосна европска интеграција“, нагласи министерот Попоски. Република Македонија во континуитет ги исполнува сите Копенхашки критериуми за почеток на пристапните преговори со ЕУ, како што потврди и Европската комисија во Пролетниот Извештај. Очекуваме поддршка од сите земји членки, вклучително и од Грција како најстара членка на ЕУ од нашиот регион и деклариран пријател на проширувањето, за Европскиот совет во јуни да ги донесе заслужените позитивни одлуки и заклучоци за Македонија.

Учеството на конференцијата, министерот Попоски ги искористи за средби и разговори со домаќините – ирските министри за надворешни работи и за европски прашања Ејмон Гилмор и Лусинда Крејтон, како  и со комесарот Штефан Филе и министрите за надворешни работи на Словачка, Мирослав Лајчак и  на Хрватска, Весна Пусиќ.