Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на сите православни верници и на сите граѓани на Република Македонија им го честита државниот празник, 24 Mај, Денот на македонските и сесловенските просветители и учители, светите браќа Кирил и Методиј.
„Дозволете ми да ви го честитам 24 Мај, Денот на македонските и сесловенските просветители и учители, светите браќа Кирил и Методиј, и да ви посакам радосни и благословени празнични мигови.
Светите Кирил и Методиј со своето дело вечно ги задолжија сите словенски народи и, воопшто, европската и светската култура и цивилизација. Она за што тие се залагаа и напорно работеа, уште во средниот век – рамноправност на јазиците и народите и еднаков пристап до образованието и науката, за сите се основни постулати врз кои денес почива меѓународниот поредок и човечката цивилизација.
И оваа година македонската држава, оддавајќи почит и славејќи го великото дело на свети Кирил и Методиј, ја промовира и афирмира културната и јазична разноличност, образованието и науката, духовноста и етичноста.
Животописот на светите браќа сведочи за големината на човековата верба и истрајност, за непобедливоста на правичноста и нескршливоста на човечкиот дух. Нивниот светол пример и натаму нека ни биде поткрепа да истраеме во зачувувањето на нашиот национален, јазичен и културен идентитет.
Нека ни е за многу години големиот државен празник!“ – стои во честитката од Претседателот Иванов.