Со пригодна свеченост одбележан празникот Свети Кирил и Методиј

Општина Охрид со пригодна свеченост го одбележа денешниот ден, Денот на сесловенските просветители. Најпрво прославата започна со читање реферат за Св. Кирил и Методиј, во градскиот парк пред нивниот споменик. Свежо цвеќе положи делегација на Општина Охрид, претставици од Јавните претпријатија, како и претставници од основни и средни училишта од Охрид. Свеченоста продолжи со настап на инструментална нумера на виолинистот Петар Маркоски. Пред присутните се обрати секретарот на Општина Охрид, Димитар Спасески.

„Моето обраќање токму тука на овој ден секако има уште поголема симболика. Особено ме прави горд фактот што оваа година прославата на денешниот ден на денот на Сесловенските просветители ја посветуваме на нашите најмлади сограѓани кои што со својот труд, умешно знаење и посветеност успеаа да ги освојат највисоките одличја на сите општински, регионални и државни  натпревари. Тоа за нас како Општина претставува гордост, но секако и обврска со понатамошни инвестиции во рамки на образовните институции било од инфраструктурен карактер, било од интервенции од наставната програма да му ветуваме шго повеќе европски практики“. – истакна во своето обраќање Спасески.

Во името на Општина Охрид секретарот Димитар Спасески на најдобрите и најуспешните ученици од основните и средните училишта од Охрид, кои што освоија награди на државни и меѓународни натпревари им подели награди. Како што истакна Спасески, овие награди за учениците треба да претставуваат поттик понатаму да продолжат да одат по патот на знаењето, а секако тоа за општината ќе значи уште поголеми успеси и оправдување на епитетот Охрид лулка на знаењето.

„Добитник сум на прва државна награда за кларинет. Многу сум задоволен, имам освоено уште една државна награда пред 2 години и секако сакам и се надевам во иднина дека ќе освојувам уште многу награди“. – вели младиот и успешен музички талент од основното музичко училиште „Методи Патчев“, Христијан Јованоски.

WebOhrid