Министерот за здравство Никола Тодоров синоќа во Охрид се сретна со министерката за здравство на Србија, проф д-р Славица Ѓукиќ-Дејановиќ. Средбата се одржа на маргините на Петтиот конгрес на психијатрите на Република Македонија со меѓународно учество.
На средбата, како што соопшти денеска Министерството за здравство, станало збор за потребата за продлабочување на соработката и натамошен развој на здравствените системи на Македонија и Србија, како што се можностите за воспоставување соработка во областа на едукација на кадар, размена на медицински персонал, но и соработка во конкретни области на здравството, како што е кардиохирургијата.
На средбата бил препознаен фактот дека двете блиски земји се соочуваат со слични предизвици во областа на здравството, па на заемно задоволство била потенцирана волја за размена на искуства во конкретни области на имплементирање на здравствената политика.
Министерот Тодоров во оваа пригода го презентирал информатичкиот систем „Мој Термин“, како и останатите процеси за целосна компјутеризација на здравството, а се осврнал и на бенефитот од последните законски измени за намалувањето на цените на лековите и паралениот увоз на лекови.
Министерката Ѓукиќ-Дејановиќ се осврнала на процесот за акредитација на здравствените установи во Србија, како и на веќе институционализираната Агенција за акредитација на здравствените установи и процедурите на акредитација кои се веќе во тек.
На средбата, како што е наведено во соопштението, биле потенцирани, овие, но и други проекти, кои ќе бидат основа за многу поблиска добрососедска соработка во здравството, при што искуствата при имплеметацијата на вакви капитални реформи на едната земја ќе бидат од корист при нивната имплементација кај соседната, а имајќи предвид дека двете земји имаат исти цели во областа на развивањето и унапредувањето на здравствените системи.
Двајцата министри разговарале и за содржината од заедничкиот меморандум за разбирање меѓу двете министерства, што треба да се потпише во текот на следниот месец, со цел натамошно продлабочување на соработката во областа на здравството и медицинските науки, што е од заемен интерес на двете држави и кој ќе служи како конкретен и оперативен иструмент за понатамошната соработка и на ниво на здравствени институции.