Премиерот на Република Македонија, г-дин Никола Груевски вчера во рамките на вториот ден од 6-тиот економски форум “Астана 2013” се обрати на тематската расправа “Дијалог на лидери”, на која се говореше за генералните предизвици со кои се соочуваат државите во поглед на светската криза, како и обезбедувањето на балансиран економски раст.
Премиерот Никола Груевски посочи дека светската економија се уште се наоѓа под влијание на глобалните предизвици, а стручната јавност е под постојаната неизвесност за утврдување на решенија за проблемите предизвикани од должничката криза во Европа.
Премиерот Груевски истакна дека предизвиците со кои европските држави се соочуваат се реалност, и напорите на економиите треба да бидат насочени кон премостување на тие предизвици преку постојана инвестициска активност, реформи и мерки кои ќе овозможат услови за нивно побрзо надминување.
Премиерот Груевски посочи дека за надминување на глобалните проблеми се потребни конкретни чекори кои на државите им се добро познати, но дека нивната реализација зависи главно од политичката волја на лидерите во тие држави. Потребно е постојано прилагодување на економиите на променливите околности бидејќи новите услови тоа го бараат. Во таа насока, премиерот Груевски ја истакна важноста од проактивната улога на државите кои мора будно да ги следат случувањата, и да обезбедат соодветни одговори на потребите на економијата. Потрагата по инвестиции, развојот на пазарните услови, како и целосната поддршка на раководствата на државите на тој процес е од исклучителна важност.
Премиерот Груевски посочи дека иницијативите како Г-Глобал во контекст на актуелните предизвици, може да помогнат бидејќи така се овозможува отвореност и окрупнување на силите во изнаоѓањето на заеднички решенија. На тој план секоја иницијатива за надминување на реалните предизвици треба да биде поздравена.
. На “Дијалогот на лидери” свое обраќање имаше и премиерот на Република Казахстан, г-дин Серик Ахметов кој истакна дека и Република Казахстан е зафатена од влијанието на глобалната криза, и токму затоа беа преземени повеќе кризни мерки со цел да се превенира нивното штетно влијание. Поволната геостратешка позиција на Казахстан како поле во кое се среќаваат влијането на Европа и Азија и искористеноста на енергенсите овозможи раст на економијата на Казахстан.