Од 31-ви мај до 2 јуни Охрид ќе биде домаќин на првите средби на акцијашите во Република Македонија. Истите се во организација на Акцијашкиот клуб „Брег на младоста“ од Охрид, а се очекува да земаат учество над 200 бригадири од 32 градови од целиот Балкан.
„Целта е тие да се потсетат на брегот на својата младост, но и на местата кои ги градеа со несебичен ентузијазам, како водоводот Метропол – Охрид, патот Охрид – Ресен, ископувањето на Амфитеатарот во Охрид, но и работите изведени на многу други места низ Македонија, но и многу подалеку. Тука секако треба да се спомнат автопатот Братство-Единство, Стрежево, Мариово, Скопје, Попова Шапка, Плачковица, сите објекти во кои бригадирите вложија дел од себе и нераскинливо се поврзаа со Охрид и Република Македонија“, – порачуваат организаторите од „Брег на младоста“.
Според претседателот на оваа организација, Зоран Стевоски, идејата е, од Охрид, пламенот на акцијаштвото да се прошири низ цела Македонија и пошироко.
„Во Охрид повторно ќе започне бајката „Брег на младоста“, бајка која се одвиваше во далечната 1984 и 1985 година. На истата локација ќе се соберат 150 луѓе од поранешните југословенски простори, сега веќе познати признати лекари, професори, вредни рудари и металци. Покрај нив ќе има и студенти и ученици. Ќе дојдат да се дружат, да се забавуваат, но и да работат“, – вели Стевоски.