Директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков во посета на Охрид

Директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков заедно со претставници од Министерството за Внатрешни работи, финансиска полиција, денес го посетија СВР Охрид. Целта на посетата беше договарање на  дополнителни мерки за обезбедување на градот во текот на летната туристичка сезона. 

„Ние направивме еден состанок  во СВР Охрид, една темелна анализа која веќе ни е подготвена, а беше основа за планирање на интензивните активности за претстојната туристичка сезона. Фокусот беше јавниот ред и мир, новитетот и безбедноста во сообраќајот“. – изјави директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков.

Претходно директорот Чавков оствари средба со градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески на која се разговараше околу досегашното работење на Општина Охрид.

„Целта на посетата, на состанокот беше општ разговор околу одредени состојби кои се индикативни, кои укажуваат на постоење на криминални активности во претходното работење со Општина Охрид, односно поврзано со претходното работeње со претходниот градоначалник. Така да утврдивме едни општи ориентации за работа, еден тимски пристап заедно со претставници од финансиска полиција и др. институции во Р.М. Разговаравме во врска со основи на сомневања на одредени криминални активности, кои штo сега се во форма на основи на сомневање, значи ништо продлабочено, меѓутоа сосема доволна основа е за понатаму да ги интензивираме нашите активности и да ги продолжиме истражувањата“, – истакна Чавков.

Како што рече Чавков, за многу брзо ќе се прошири составот со претставници од јавно обвинителство на Македонија, претставници од јавното обвинителство за организиран криминал и со колеги од СВР Охрид.

WebOhrid