Канадските научници успеаа да оживеат растенија кои се замрзнати пред 400 години, за време на „малото ледено доба“. Како што пренесува Би-Би-Си, примероците од видот бриофити успеале да се развијат во лабораториски услови.
Истражувачи од Универзитетот во Алберта истакнуваат дека нивната студија го открива начинот на кој екосистемот се опоравува после долги, циклични ледени периоди.
Тие го истражувале подрачјето околу глечерот Тирдроп, кој се наоѓа длабоко во арктичкото подрачје на Канада. Глечерите во ова подрачје од 2004 година до сега, драстично се намалуваат, по 3 до 4 метри годишно.
Топењето на глечерите открива површина која не била изложена на сончева светлина од „малото ледено доба“ кое траело од 1550 до 1850 година.
„До сега мислевме дека може да се оживеат само растенијата кои биле во непосредна близина на самиот глечер, но не и оние кои со години биле заробени во мразот. Сега за прв пат имаме доказ дека растенијата можат да преживеат години под мразот и веднаш по првите сончеви зраци повторно да продолжат со развојот, онаму каде што застанале.“ – изјави Катрин Ла Фарж, водич на овие истражувања.