Извршена кражба на повеќе делови од железничката пруга Зајас-Тајмиште

Непознати сторители деновиве извршиле кражба на повеќе делови од железничката пруга Зајас-Тајмиште. Кражбата е извршена со демонтирање и одземање на 500 штрафови за шини, 160 плочки и 20 спојки за шини од помошната железничка пруга на челичниот мост кај селото Колари. 

Кривично дело е извршено помеѓу 24-ти и 27-ми овој месец најнапред со демонтирање на штрафовите, плочките и спојките, а потоа со насилно корнење и оттргнување од шините.

Засега непознатите сторители успеале незабележани да ја извршат кражбата од железничката пруга која поминува низ планинскиот предел над селото Колари.

Иако на оваа железничка пруга нема активен железнички сообраќај, сепак полициската станица од Кичево изврши криминалистичко-технички увид и отпочна со мерки за пронаоѓање на сторителите на кражбата, утврдување на материјалната штета и целосно расветлување на казненото дело.