Вклученост на сите и отворен дијалог меѓу земјите во регионот, е пораката која денеска од Охрид ја упатија учесниците на 5. состанок на Регионалниот совет за соработка (РСС), со кој копретседаваат министерот за надворешни работи Никола Попоски, како актуелен претседавач со Процесот за соработка на Југоисточна Европа и генералниот секретар на РСС Горан Свилановиќ.
Попоски смета дека однесувањето на сите земји од регионот е значајно за вклучување во Европската унија.
„Во Европа можеме да влеземе само доколку сите заедно работиме и затоа сметам дека пораките кои ќе ги упатиме од Охрид – вклученост на сите, отворен дијалог за да ни биде подобро на сите заедно, доколку работиме заедно, отколку секој одделно да оди по сопствениот пат“, – рече Попоски.
За состанокот на РСС е значајно, според него, консензуалното усогласување на заедничката изјава на сите учесници и Охридската декларација, како и учеството на Косово како полноправен учесник.
„Значајно за македонското претседавање со Процесот на соработка на Југоисточна Европа е што и Косово стана полноправен учесник во РСС. Република Македонија се залага за вклученост на сите регионални чинители во регионалните процеси. Сметаме дека тоа е единствениот европски пат по кој можеме да напредуваме кон остварување на клучната цел за интегрирање на регионот во Европската унија“, – подвлече Попоски.
Темата на македонското претседавање е „Солидарност во акција“, што како што рече министерот за надворешни работи, е нешто што не обединува како регион и може да биде тема која ќе ни овозможи да ја постигнеме сплотеноста која сакаме да ја имаме и во доменот на Европските интеграции.
Попоски потсети на стратегијата 2020, која треба да ги опфатеи клучните прашања во целиот регион, во делот на Регионална соработка, економскиот развој, кои се клучните предизвици што ги делиме со земјите членки на Унијата.
„Состанокот ќе постави и нови стандарди во доменот на вклученоста бидејќи ги имавме сите претставници во рамки на РСС и се надевам дека тоа ќе биде модел кој ќе можеме да го применуваме во сите начини на Регионална соработка“, – додаде Попоски.
Генералниот секретар Свилановиќ оцени дека состанокот е добар за регионот и оти РСС во овој момент е единствената организација која е потполно инклузивна.