Во просториите на Министерството за образование и наука денес се изврши примопредавање на должноста меѓу досегашниот министер за образование и наука Панче Кралев и новоименуваниот Спиро Ристовски.
Министерот Ристовски истакна дека во следниот период со ист интензитет ќе работи на активностите и реформите кои ги започнал неговиот претходник, како и отпочнување на нови проекти за подобро образование.
„Моите очекувања се дека како нов министер за образование и наука ќе продолжам со ист интензитет да ги спроведувам активностите поврзани со реформите во областа на образованието. Очекувам да добијам поддршка за да продолжам онаму каде што мојот претходник застана. Ветувам дека ќе продолжам да ги реализирам истите со интензитет и со начин на работа со кој верувам дека ќе придонесам за поквалитетен образовен систем и импелментација на сите реформи кои се зацртани во програмата на Владата на Република Македонија“, – изјави министерот Ристовски по вчерашното положување на заклетвата.
Претходно, беше извршено примопредавање на функцијата министер за труд и социјална политика. Диме Спасов е новиот министер за труд и социјална политика. Тој ја презеде функцијата од досегашниот министер Спиро Ристовски.