Синоќа во Домот на културата во Вевчани актерската екипа на Патувачкиот Театар „Поклони се и падни“ ја изведе премиерата, „Жорж Данден“ од Молиер во режија на младиот Ѓорѓи Ризески. Преку ликот на Жорж Данден, режисерот од ЕСРА универзитетот ја испрати пораката за животот но и дилемата колку сме подготвени да ги прифатиме промените, вреди ли да се трпи неправда?
„Пораката е токму тоа, да се чуваат сите луѓе од оние кои прават маски, кои пробуваат да ја цицаат крвта од нивните џебови. Животот секогаш продолжува што и да се случи и покрај тоа што семејството повеќе не може да се сочува“, вели Ризески кој најави гостување на преставата и низ Македонија.
Со изворедна глума и сценографија типична за ова поднебје, беше отсликан спојот на реалниот живот и вевчанскиот дух. „Жорж Данден“ на Вевчански начин, ја воодушеви публиката која ги награди талентираните актери со бројни овации и долги аплаузи.
Вевчанскиот театар има стандарди кои мора да се почитуваат, велат актерите.
„Во Вевчани за се што работиш мора да почитуваш дефинирани стандарди, а кога е театарот во прашање човек мора да биде претпазлив затоа што во ова место уште во 1936 година се играле претстави на македонски јазик, па од тогаш генерации и генерации учествувале во креирање на Вевчанскиот театар кој секогаш е посебен, специфичен и непокорен“, вели Душко Кукоски главниот лик во претставата.
Вевчани е позната општина каде се негува најдолгата традиција на карневалот, исмејувањето, сатирата. Вевчанци велат дека сето тоа се должи на нивната уникатност.
„Вевчанскиот дух не мирува. Секоја година сите ние учествуваме во театарот наречен вевчански карневал но се трудиме да поставиме на сцена и одредени проекти во една посовремена форма. Театар во Вевчани отсекогаш имало и ќе има со препознатлив вевчански говор, хумор, сатира, иронија, потсмев… и затоа сме различни од другите“, вели Тошо Чочороски иницијаторот да опстои театарот.
Преставата „Печалбари“ била првата која се одиграла на македонски јазик во Вевчани во далечната 1936 година.