Со свеченост на плоштадот „Македонија“ во Скопје, во употреба беше пуштен дигиталниот сигнал на националните и регионалните телевизиски станици во Република Македонија. Овој систем ќе им овозможи на граѓаните многу поквалитетна слика од досегашната, поквалитетен повеќеканален тон и повеќе услуги. Граѓаните кои не се приклучени на кабелски оператори или имаат постар вид на тв приемници, ќе треба да набават дигитални ресивери, за да можат да ја следат програмата на домашните телевизии.
На свеченоста свои обраќања пред присутните имаа министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, главниот извршен директор на операторот ОНЕ, Цирил Кафол, директорот на Агенцијата за електронски комуникации, Роберт Орданоски и претседателот на Советот за радиодифузија, Зоран Трајчевски.
„Не се остварија предвидувањата на некои скептици дека дигитализацијата ќе затвори голем број телевизии во земјата, дека ќе завладее медиумски мрак. Напротив. Ниту еден од постоечките медиуми не згасна со процесот на дигитализација. Сите продолжуваат со работа со повисоки професионални стандарди, а имаме и еден медиум кој од регионален прерасна во национален“. – рече во обраќањето министерот Ивановски.
Тој напомена дека Македонија стана првата земја во регионот која го воведува дигиталниот сигнал од 1 јуни, што претставува значаен исчекор во професионализацијата на медиумските стандарди и голем успех за земјата.
„Им излеговме во пресрет и на најранливите социјални групи во земјата, на корисниците на социјална парична помош и заедно со Министерството за труд и социјална политика и Македонската радиотелевизија, на 40.000 семејства им доделивме бесплатни дигитални ресивери. Ова е уште еден голем проект на Владата на Република Македонија, наменет за граѓаните на кои тоа им е неопходно“. – додаде Ивановски.
Директорот на операторот ОНЕ, Цирил Кафол истакна дека компанијата е целосно подготвена системот да профункционира според предвиденото.
Сите национални и регионални телевизии кои добиле лиценца од Советот за радиодифузија и кои потпишале договор со нив и навреме ја обезбедиле потребната техничка опрема, од денес, 1 јуни, ќе бидат емитувани дигитално преку нивната платформа.
„Од вкупно 61 телевизија во Македонија, 60 телевизиски станици побараа промена на дозволата од Советот за радиодифузија за премин од аналогно во дигитално емитување. Од нив 31 телевизии ќе емитуваат дигитална програма преку операторот ОНЕ, а 30 преку кабелски оператори“. – рече претседателот на Советот за радиодифузија, Зоран Трајчевски.