Заедничка седница на македонската и српската влада во Белград

Во Белград во тек е заедничката седница на владите на Република Македонија и Република Србија, на чиј дневен ред се повеќе теми од взаемен интерес.

Пред седницата, премиерите на двете земји, Никола Груевски и Ивица Дачиќ  имаа тет-а-тет средба, а за попладнево е закажана и заедничка прес-конференција.

Премиерот Груевски пред палатата „Србија“, каде српските власти ги одржуваат најзначајните настани и ги пречекуваат гостите од висок ранг, од својот колега Дачиќ беше пречекан со највисоки државни почести.

Според агендата, претседателот на македонската Влада попладнево ќе се сретне и со српскиот претседател Томислав Николиќ, како и со претставници на Македонското национално малцинство во Србија.

На пленарната седница, главни теми ќе бидат европските интеграции на двете земји, регионалната соработка, како и унапредување на економската соработка, пред се зголемување на трговската размена, соработка на полето на инвестициите, можност за заеднички настапи на трети пазари, особено во делот на градежништвото, како и во делот на фармацијата, туристичка презентација на можностите на двете земји.

Ќе стане збор и за инфраструктурни проекти, главно за завршување на делниците од автопатот К-10 најдоцна до 2016 година, но и за соработка во борбата против трговија со дрога, гранична соработка,  соработка во областа на здравството, социјалата, земјоделството…

Во зависност од точките на расправа, на седницата присуствуваат министрите од соодветните ресори, а не комплетните владини состави. Од македонска страна, покрај премиерот Груевски, ќе бидат и вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, вицепремиерот и министерот за финансии Зоран Ставрески, министрите за надворешни и за внатрешни работи, Никола Попоски и Гордана Јанкулоска, министрите за  здравство и за труд и социјална политика, Никола Тодоров и Диме Спасов, за информатичко општество Иво Ивановски, за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски и заменик министерот за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски.

Пред седницата се одржаа повеќе билатерални средби на министрите. Премиерот и министер за внатрешни работи на Србија Дачиќ и министерката Јанкулоска ќе потпишат протокол помеѓу двете министерства за соработка во текот на претстојната туристичка сезона, а министерот Тодоров со својот колега Славица Џукиќ Дејановиќ ќе потпише меморандум за соработка во областа на здравството и медицинските науки.

Седницата на македонската и српската влада е резултат на договорот меѓу двајцата премиери Груевски и Дачиќ од средбата во јануари во Скопје, кога порачаа дека би била дополнителен импулс во развојот на односите меѓу Македонија и Србија.

Вакви иницијативи за заеднички владини седници Македонија има испратено и до властите во Бугарија, Албанија и Косово, на што, како што истакнуваат од Владата, има позитивни реакции, но се уште нема договорен термин.

Српската Влада најекспедитивно одговорила бидејќи има големо искуство во држење седници со други влади.