ЛДП: Лица кои имале Договор на дело со Општина Охрид повикани на информативен разговор во Полиција

Откако во јавноста проструи веста дека лица кои имале Договор на дело со Општина Охрид биле повикани на информативен разговор во Полициската станица во Охрид, со реакција излезе ОО ЛДП Охрид во која стои:

„ЛДП чувствува морална одговорност како партија да застане во одбрана на човековите слободи и права. ЛДП не е лицемерна во одбраната на граѓаните и затоа во никој случај нема да бидеме неми набљудувачи на состојбите. Имено, службени лица во униформа од полициската станица од Охрид, одат по домовите на луѓе кои имале Договори на дело со Општина Охрид и ги повикуваат на информативен разговор. Оваа слика воопшто не е пријатна за семејствата ако се има предвид дека овие луѓе само на ваков или на онаков начин, а што е најважно, во рамките на законските правила и прописи се обиделе на некаков начин да стигнат до егзистенција. Партиските вработувања се наша одамнешна и болна реалност која продолжува, за што најодговорни се политичарите, а не граѓаните. ЛДП нема да дозволи нити еден граѓанин кој во оваа земја се бори за гола егзистенција без оглед на партиската припадност, вера или националност да биде несоодветно третиран. Од друга страна, прашуваме зошто надлежните во чии раце се институциите задолжени за истрага, не реагирале на време доколку увиделе дека ова е портивзаконски ако се има предвид дека овие договори не се никаква новина и се практикуваат од многу порано? Меѓу другото, да не бидеме лицемерни, Договорот на дело е нешто што и новата раководна структура често го практикува“. – стои во соопштението на ЛДП – Охрид.

ЛДП бара посебна внимателност во постапување со луѓето без оглед на партиската припадност, применување на законите и законските процедури како и избегнување злоупотреба на човечките судбини за добивање за политички поени доплнето со помпезни написи во медиумите. ЛДП потенцира дека ја поддржува секоја истрага која треба да открие било каква незаконитост или злоупотреба на позиција, но сепак сето тоа да биде со почитување на човековите слободи и права.