Стимулирање на банките да го зголемат кредитирањето на компаниите ќе се обезбеди преку компонентата „гарантен фонд“ од регионалниот проект „Платформа за развој на претпријатијата и иновации за Западен Балкан“, што денеска беше презентиран пред банкарскиот сектор во државата.
Проектот е со вкупна вредност од 145 милиони евра, а за компонетата „гарантен фонд“ се предвидени 20 милиони евра. Очекувањата на надлежните институции се македонските фирми доколку понудат квалитетни проекти преку комерцијалните банки да добијат 20 проценти од предвидените пари за кредитирање.
„Станува збор за гарантна шема со која на банките што ќе аплицираат за овој инструмент кај Европскиот инвестициски фонд им се дава определен вид заштита во случај на загуба на пласманот на кредит со поделба на ризикот. Доколку дојде до невраќање на кредитот од страна на некоја компанија, дел од настанатата штета би била покриена од страна на Европскиот инвестициски фонд, со што се овозможува на оние банки и мали и средни компании кои имаат добар проект, но немаат соодветен начин на гарантирање на заемот, да пристапат до овој заем“, изјави по презентацијата на проектот вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.
Ефектот, истакна, ќе биде мултиплициран, односно со почетните 20 милиони евра обезбедени за покривање гаранции се очекува од страна на банките да бидат пласирани над 110 милиони евра, а можеби и повеќе.
Пристап до таквото кредитирање покрај Македонија имаат и Србија, Хрватска, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово, што, според Пешевски, значи дека македонските банки и претпријатија ќе мора да си ги одмерат силите со останатите од регионот. Наша задача како Влада, посочи, е да помогнеме во целиот овој процес.
Според Пешевски, за износот што би можеле да го добиеме нема ограничувања, но треба да бидеме задоволни со 20-тина проценти. – На оние што ќе пристапат први со подготвени проекти ќе им бидат одобрени. Теоретски можно е сите средства да ги искористи една држава. Но, ако би биле реални веројатно доколку Македонија искористи 20-тина проценти би требало да бидеме задоволни, оцени Пешевски.
Според претседателот на Здружението на банкарство, Ѓорѓи Јанчевски, станува збор за доста интересна кредитна линија која ќе помогне за развој на малите и средните претпријатија.
„За нас банките е доста интересно затоа што има форма на поделба на ризикот. Дел ќе биде во пари, а дел во форма на гарации. Во секој случај се работи за нов продукт, за кој според првичните сознанија ценовната политика ќе биде доста ниска и мислам дека ќе има голем интерес од претпријатијата во Македонија“, изјави Јанчески.
Проект „Платформа за развој на претпријатијата и иновации за Западен Балкан“, се состои од четири компоненти со вредност од 145 милиони евра, но, според Пешевски, се планира во иднина тој износ да биде зголемен неколкукратно. Покрај гарантниот фонд, платформата содржи фонд за иновации, со вредност од 40 милиони евра за тие што планираат да инвестираат во мали и новоосоновани компании насочени кон иновации, фонд за експанзија, со вредност од 80 милиони евра за поддршка на понатамошниот развој на веќе формирани и развиени компании, како и компонента за техничка помош од 5 милиони евра.
Пешевски информира дека Владата спроведува и други проекти за поддршка на малите и средни претпријатија, како што е фондот за иновации што треба да стартува наесен. Законската регулатива е веќе усвоена, а сега се работи на подготовка на целокупната документација неопходна за функционирање на тоа тело. Фондот ќе обезбедува дополнителни средства за директно финасирање на компаниите, што ќе се доделуваат во форма на кофинансирани грантови и условни заеми, наменети за развој и имплементација на нови производи, проекти и процеси. До крајот на годинава треба да се објави првиот повик до компаниите за доделување средства.
За македонските компании претходно преку Европската инвестициска банка беше обезбедена кредитната линија од 250 милиони евра. Досега се пласирани 210 милиони евра, финансирани се над 850 проекти и се креирани 4.600 нови работни места. Парите се пласираа преку Македонската банка за поддршка и развој со субвенционирана каматна стапка од 5,5 проценти.