Водата од Охридското Езеро е од прва класа

Во согласност со надлежностите и активностите за континуиран здравствено-еколошки надзор, екипа на Центар за јавно здравје Охрид, пред почетокот на туристичката  сезона, втора половина на месец мај, изврши земање и физичко-хемиска и микробиолошка  анализа на 29 примероци на површинска вода од крајбрежниот дел на Охридското езеро од македонска страна, на мерни места од “Св. Наум”  до с. Радожда, како и на 3 примероци на вода од реките што се вливаат во Охридското езеро-Велгошка, Коселска, Сатеска.

Примероците на вода од Охридското езеро  земени се во три етапи и тоа:

– Во првата етапа на 21.05.2013 г. од источниот дел од крајбрежјето на Охридското езеро, поточно од  “Св.Наум” до хотел “Парк”, од 11 мерни места, земени и анализирани беа 11 примероци на површинска вода.

Според резултатите добиени од физичко-хемиската и микробиолошка анализа и Уредбата за класификација на водите, констатирано е дека сите анализирани примероци спаѓале во вода од I класа.

– Во втората етапа на 28.05.2013 г. од западниот дел од крајбрежјето на Охридското езеро, поточно од   хотел “Даљан” до с. Радожда, од 9 мерни места,. земени и анализирани беа 9 примероци на површинска вода.

Според резултатите добиени од физичко-хемиската и микробиолошка анализа и Уредбата за класификација на водите, констатирано е дека сите анализирани примероци спаѓале во вода од I класа.

– Во третата етапа на 29.05.2013 г. од северниот дел од крајбрежјето на Охридското езеро, поточно од „Ројал”  до хотел „Магнус”, од 9 мерни места, земени и анализирани беа 9 примероци на површинска вода.

Според резултатите добиени од физичко-хемиската и микробиолошка анализа и Уредбата за класификација на водите, констатирано е дека 83,0 % од анализираните примероци спаѓале во вода од I класа, додека 17,0 %, односно 3 примероци на вода биле од II класа.

Генерално може да се заклучи дека  во месец мај 2013 г., водата во крајбрежниот дел, односно делот кој се користи за капење и рекреација на Охридското езеро, од македонска страна, најповеќе припаѓала на I поточно од I класа биле 90.0 % од анализираните примероци, а од II класа 10,0 % од анализираните примероци.

Според уредбата за класификација на водите, вода од I класа, во природна состојба со соодветен третман-дезинфекција, може да се користи за водоснабдување, а вода од II класа може да се користи за капење, спорт, рекреација и сл.

Опасност од оптоварување на екосистемот и загадување на езерото од македонска страна, во смисол на органско загадување, постои во крејбрежниот дел на езерото од објекти-домаќинства кои не се зафатени со колекторскиот систем за пречистување на отпадните води и тоа неколку домаќинства на потегот од „Св.Софија”, до „Сараиште”, од село “Пештани” до “Св.Наум”, кај вливот на река Велгошка и од Струга до с. Радожда.

Примероците на вода од реките што се вливаат во Охридското езеро земени беа на 28.05.2013 г. од реките Коселска и Сатеска и на 29.05.2013 г. од река Велгошка. 

Според резултатите добиени од физичко-хемиската и микробиолошка анализа и Уредбата за класификација на водите, констатирано е дека анализираните примероци на вода од трите реки припаѓале на II класа.

Според Уредбата за класификација на водите, трите реки што се вливаат во Охридското езеро мора да припаѓаат на води од I или II класа.

Обилните врнежи од дожд и зголеменото количество на вода во водотеците влијаат за разредување на концентрацијата на загадувачките органски материи кои трите реки го носат со себе, па во таа насока е евидентно и подобрување на квалитетот на водата во трите реки кои се вливаат во Охридското езеро, споредено со истиот период минатите години.