Промовирана Канцеларијата за административни работи и стручна поддршка на развојот на земјоделието во Охрид

Градоначалникот Никола Бакрачески денеска ја промовираше Канцеларијата за административни работи и стручна поддршка на развојот на земјоделието во општина Охрид. Канцеларијата ќе работи секој  ден од 8 до 16 часот во состав на Секторот за туризам и локален економски развој.

„Ние како сектор за Локален економски развој и туризам веќе активно работиме на голем број проекти и за брзо време ќе имаме и практична реализација на истите. Се надеваме дека со оваа активност ќе ги зголемиме активностите кои  што ги имаме во однос на промоцијата и подршката на земјоделството. Истовремено одржуваме средби со странски инвеститори што се заинтересирани за инвестирање во областа на земјоделството“. – истакна Ѓоко Апостолов, раководител на ТЛЕР.

Градоначалникот Бакрачески истакна дека оваа канцеларија ќе ги зголеми перформансите на земјоделците кои што егзистираат во оваа општина, ќе имаат можност да добијат информации кои што се неопходно потребни за нивната работа, ќе овозможат зголемување на продуктивноста намалување на трошоци на производството, ќе овозможи како да ја зголемат конкурентноста на пазарот на нивните  производи и пред се ќе им даде широка поддршка во искористувањето и на домашните и на странските финансиски можности за развој на нивниот бизнис.

„Тоа ќе биде советодавно тело каде што навремено ќе можат да добиваат стручни совети за тоа како да ги препознаваат ризиците во производството на раноградинарски култури и секако ќе им даде можност да ги наоѓаат адекватните начини како да се справат со предизвиците кои претстојат пред нив. Од друга страна ова е место од каде што тие конечно ќе можат да добијат и потврда за бесправно изградени објекти на земјоделското земјиште, а тоа се помошни обекти, оранжерии или објекти за примарна обработка за земјоделски производи. Тука ќе се издаваат уверенија и потврди кои им се потребни на производистелите на здрава храна  да можат своите земјоделски производи да ги продаваат и на пазарите на Р.М. Тука ќе се обавува стручен опис попис и проценка на насадите и посевите со кои што располага општина Охрид“. – нагласи Бакрачески.

И како што потенцира градоначалникот Бакрачески  со еден збор ова е канцеларија во која што граѓаните кои се бават со земјоделие и кои се сопственици на земјоделско земјиште ќе имаат можност постојано да разменуваат информации во две насоки, а со цел да бидат реализирани нивните заложби во делот на земјоделието. Бакрачески најави дека граѓаните ќе имаат можност да добијат линк од Министерство за земјоделие и други институции на системот, а тоа ќе води кон создавање и можности и за странски инвестиции во делот на земјоделието на ниво на општина Охрид, кои што понатаму ќе овозможат подигање на локалниот економски развој на општината и обезбедување на нови работни места.

WebOhrid