Од први јули oграничување нa пловидбата со пловни објекти – чамци и скутери

Министерството за транспорт и врски информира дека Владата на Република Македонија донесе одлука за ограничување на пловидбата на пловни објекти на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро. Одлуката се однесува на пловидбата на чамци и скутери и истата е со цел заштита на природната средина, подобрување на безбедноста во пловидбата, како и безбедноста на капачите во периодот  на летната туристичка сезона. Исто така, ограничувањето на пловидбата на чамци е заради оневозможување на рибокрадството кое е често констатирано по езерата и се врши во ноќните часови.

Ограничување на пловидбата со пловни објекти – чамци и скутери се однесува на целата површина на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро и тоа за чамци ограничувањето е за периодот од 01 јули до 31 август во времетраење од 21:00 до 05:00 часот секој ден, од 01 септември до 31 октомври во времетраење од 19:00 часот до 06:00 часот секој ден, од 01 ноември до 31 март во времетраење од 17:00 часот до 06:00 часот секој ден, и од 01 април до 30  јуни во времетраење од 19:00 часот до 06:00  секој ден.

Ограничувањето на пловидбата за скутерите се однесува за  периодот од 01 јули до 31 август во времетраење од 11:00 до 19:00 часот секој ден.

Одлука за ограничување на пловидбата за пловни објекти – скутери, беше донесувана и за претходните години, почнувајќи од 2009 година и искуството покажува дека ваквото ограничување е оправдано во поглед на остварувањето безбедност во пловидбата со што и бројот на пловидбените незгоди е значително намален.

Од оваа одлука, изземени се чамците и скутерите наменети за јавни потреби за вршење инспекциски, царински и полициски надзор како  и чамците кои ги користи субјектот на кој му е дадена концесија за стопански и рекреативен риболов како и за чамците за стопански цели – превоз на патници.

Во наведениот период, Капетанијата на пристаништата во соработка со  Министерството за внатрешни работи – Езерска полиција ќе врши редовни контроли во однос на почитувањето на законските прописи, при што доколку се констатира прекршок, прекршителите на оваа Одлука ќе бидат соодветно санкционирани.

Министерството за транспорт и врски апелира до сите граѓани да ја почитуваат одлуката со што ќе се придонесе за поголема безбедност, заштита на животната средина и подобар престој на туристите кои летуваат покрај езерата во Република Македонија.