Во рамки на престојот во Њујорк, министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски на 11 јуни, 2013 година оствари работна средба со Генeралниот секретар на Обединетите Нации, Бан Ки-мун.
Притоа, беа разменети видувања за наметнатиот спор за името и беше подвлечена важноста од интензивирање на напорите под покровителство на Обединетите нации. Истакната беше посветеноста на Република Македонија кон почитувањето на меѓународното право, како пристап кој придонесува за промовирање на мирот и стабилноста во глобални рамки. Во тој контекст, министерот Попоски го истакна конструктивниот пристап во процесот од страна на Република Македонија.
Воедно, беше констатирана незаинтересираноста од првата страна во наметнатиот спор, а во услови на продолжено прекршување на обврските од Времената спогодба и основните човекови права. Министерот Попоски го нагласи значењето на институциите во системот на Обединетите Нации, чија улога е заштита и примена на владеењето на правото за мирно разрешување на разлики. Пресудата на Меѓународниот суд за правдата јасно го трасира патот во овој контекст.
“Република Македонија има стратешки интерес да ги негува односите со својот јужен сосед и тоа го прави дури и во услови на продолжената и бесправна блокада. Тоа ќе продолжиме да го правиме. Сепак, јасно е дека покрај одличните односи на практична ниво, првата страна во наметнатиот спор не покажува знаци на мотивираност ниту за надминување на спорот, ниту пак за примена на преземените обврски и меѓународното право,” констатираше министерот Попоски.
На средбата министерот Попоски го информираше Бан Ки-мун и за постигањата на Република Македонија на политички и економски план како за нашиот придонес кон регионалниот развој и соработка.