Дефицитарните занимања и занаетите во изумирање ќе бидат ослободени од комунална такса

Дефицитарните занимања и занаетите во изумирање ќе бидат ослободени од плаќање на комунална такса, со што се прави чекор за заживување на занаетчиството во општина Охрид. Ова денеска го соопшти градоначалникот Никола Бакрачески на средбата со  Сашо Богоески, претседател на Занаетчиската комора од Охрид.

Согласно со одредбите на Законот за комунални такси и препораките на Владата на Република Македонија, од плаќање комунални такси ќе се ослободат  ковачите, грнчарите, лимарите, казанџиите, копчарите, свеќарите, крзнарите, изработувачите на сувенири и ракотворби, јорганџиите, опинчарите и саатчиите.

„Локалната самоурава, во законски пропишана постапка, ќе донесе одлука за ослободување од плаќање  комунална такса за дефицитарните занимања и занаетите во изумирање. Како градоначалник на Охрид, сметам дека  покрај  ваквото олеснување  во иднина  треба да  се бараат и други форми за стимулирање на развојот на занаетчиството. За  Охрид  тоа е особено важно, зошто занаетчиството е цврсто поврзано со развојот на туризмот“, – рече градоначалникот Бакрачески.

Претставниците  на Занаетчиската комора изразија благодарност за ослободувањето од комунална такса  и средбата ја искористија, на градоначалникот Бакрачески да му ги презентираат проблемите и идните проекти. Претседателот на занаетчиската комора Сашо Богоески истакна дека за спас на старите занаети, што се во изумирање, ќе организираат неколку проекти  за обука на млади луѓе.

На средбата беше договорено, Општина Охрид и Занаетчиската комора, на крајот на месец август, заеднички да организираат Саем на занаетчиството, со што, како што беше речено, ќе се придонесе за  продолжување  на  туристичката сезона во Охрид.

Zanaetciska_komora_2 Zanaetciska_komora_3