Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски, на маргините на Европскиот Форум Вахау, што вчера и денеска се одржува во градот Сент Пелтен – Република Австрија, имаше средба и разговори со Михаел Шпинделегер, заменик премиер и министер за европски и меѓународни работи на Република Австрија.
Министрите Попоски и Шпинделегер заеднички констатираа дека Македонија и Австрија имаат одлични билатерални односи и соработка, што се потврдува низ активниот и сестран политички дијалог на сите нивоа и низ изразениот интерес на двете страни за засилена економска и други видови на соработка.
Процесот на интеграција на Република Македонија во Европската Унија беше во фокусот на разговорите на двајцата министри. Во таа смисла министерот Попоски нагласи дека Владата на Република Македонија особено ја цени подршката и помошта што Австрија и ја дава на Македонија во процесот на интегрирација на нашата земја на овој план. Тој, исто така, информираше и за очекувањето на Република Македонија за добивање датум за започнување на пристапните преговори на претстојниот Јунски самит на ЕУ, за готовноста за надминување на разликата со Грција околу името на нашата земја, како и за некои аспекти на односите на Република Македонија со одделни непосредни соседи.
Австрискиот Министер ја повтори заложбата на неговата земја за интеграција на Република Македонија и земјите од Западен Балкан во Европската унија, нагласувајќи ја при тоа важноста на интеграцијата на овие земји во ЕУ и НАТО, заради стабилноста и безбедноста на целиот Регион и пошироко.
Двајцата соговорници средбата ја искористија и за размена на мислења за соработката меѓу Македонија и Австрија на мултилатерален план, за актуелните состојби во Република Македонија и Регионопт во целина.