Заврши „Тренерската Клиника“ – Охрид 2013

Дводневната Тренерска Клиника која се одржа во салата „Билјанини Извори“ во Охрид доби највисоки оцени, а содржајните предавања и презентации на Димитриос Итудис, Жељко Обрадовиќ и Антон Крумп беа повеќе од добредојдени за тренерите кои ги поздравија со аплауз.

Вкупно 90-те присутни тренери на дводневната Клиника добија одлична можност да ги унапредат своите познавања за кошарката низ предавањата и презентациите на некои од најеминентните тренери во Европа и светот. Предавањата, во кои беа вклучени и показни вежби на терен, вкупно низ двата дена траеја повеќе од 12 часа, а опфатени беа повеќе различни сегменти на тренингот, организацијата и селектирањето на кошаркарите.

Жељко Обрадовиќ, најтрофејниот тренер во историјата на европската кошарка, по демонстрацијата и спецификите на пик-енд-рол нападот на првиот ден од Клиниката, второто предавање го посвети на варијанти на напад против зонска одбрана. Димитриос Итудис првиот ден презентираше начини на индивидуален шутерски тренинг за бекови, додека во вториот ден низ повеќе од 2-часовен тренинг, ги покажа основите на тренирањето на играчите користени во Панатинаикос. Антон Крумп во вториот ден исто така имаше демонстрација на терен, за изведување на континуиран напаѓачки систем 2-1-2, додека предавањето од првиот ден го посвети на презентација на системот и процесот на селектирање на играчите. Предавачите своите показни тренинзи ги одработија со репрезентативците на Македонија до 18 години, како и со членовите од Спортската Академија.

По завршувањето на предавањата, претставници на Македонската Кошаркарска Федерација во знак на благодарност им доделија сувенири „Симбол на вечноста“ на Обрадовиќ, Итудис и Крумп. Тренерската Клиника оваа година влезе во официјалниот календар на ИОК и ФИБА, а интенцијата е да се продолжи во ист стил и во наредните години за континуирано унапредување на квалитетот на обучувањето на кошаркарите во нашата земја.

Инаку, по завршувањето на Клиниката, Жељко Обрадовиќ, Димитриос Итудис и Антон Крумп го посетија и Кошаркарскиот Камп на МКФ кој периодов се одржува во хотелот „Еуротел“ во Струга, на големо задоволство на преку 150 млади кошаркари кои ја претставуваат иднината на кошарката во Македонија.

TrenerskaKlinika2 TrenerskaKlinika3 TrenerskaKlinika4