Билатералниот Секретаријат за Охридското Езеро ги продолжи подготовките за имплементација на Дримскиот проект кој е одобрен од страна на Глобалниот Еколошки Фонд во Вашингтон. После инаугурацијата на проектот која се одржа во Тирана минатиот месец денеска во Охрид е одржана работна средба на македонскиот претставник во Секретаријатот Дејан Пановски и претставниците на Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) и програмскиот директор Херман Плум. На работната средба беше утврдена динамиката и планот за остварување на комуникациската стратегија, кампањата и учеството на интересентите во имплементацијата на Дримскиот басен.
„Првата цел е запознавањето на јавноста со вредностите и значењето на Дримскиот Басен пред се од еколошки и енергетски аспект. Дримскиот басен е прилична непозната и тоа мора да се отвори и за поширока јавност и за натамошна експертиза. Од тоа ќе зависат многу идни одлуки кои ќе се рефлектираат и врз Охридското Езеро и врз водените биланси. Полека доаѓа време на големи одлуки околу управувањето со водените ресурси и мора да бидеме сите подготвени за да ги заштитиме истите, пред се“, – истакна Дејан Пановски од Билатералниот Секретаријат.
При работната посета на делегацјата од ГИЗ остварени се средби и со невладиниот сектор на кои се разгледани можностите за вклучување на граѓаните во кампањите но и во процесот на носење на одлуките.
„Најважно е да креираме подигнување на јавната свест и влијание преку заеднички активности, една порака и креација на Ден за Дрим кој од 2014 би се прославувал заеднички како врска меѓу сите држави кои го споделуваат. Затоа со Билатералниот Секретаријат и во невладиниот сектор ќе ги подготвиме овие активности“, – истакна Херман Плум.
Активностите е планирано да се одвиваат од оваа есен на сите страни од Дримскиот Басен.