Македонија има одлични услови кои може да ги понуди на потенцијалните инвеститори како најниски даноци во Европа и поволности кои ги нудат технолошко-индустриски зони, а меѓу секторите во кои може да се оствари соработка се земјоделството, информатичката технологија, автомобилската индустрија и туризмот.
Ова е пораката од економскиот владин тим предводен од вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на бизнис форумот во руската Република Татарстан.
Татарстан е една од економски најсилните и индустриски најразвиени републики во Руската Федерација. Делегацијата, во која се и министерот за привлекување странски инвестиции Веле Самак и директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски зони Виктор Мизо, ја посети технолошко-развојната зона во Казан, каде на бизнис форум ги презентираше можностите за инвестирање во Македонија.
„Татарстан има една од најдинамичните и воедно најмодерните економии во Руската Федерација. Нивната економија како брзо растечка е доста слична на македонската, затоа очекувам понатамошен развој на соработката, како во делот на трговијата, така и во инвестициите“, изјави Ставрески.
Ставрески имаше средба и со претседателот на Татарстан, Рустем Миниканов на која беше дискутирано за економската соработка меѓу Македонија и оваа руска Република, како и продлабочување на трговската соработка.
Делегацијата во рамки на роуд-шоуто ќе ги презентира инвестициските можности во Македонија и во Екатеринбург, Новосибирск, а посетата ќе заврши со учество на Меѓународниот економски форум кој се одржува во Санкт Петербург.