По повод годинешното одбележување на 21.Јуни – Денот на Езерото чиј домаќин е општина Охрид, денеска градоначалникот Бакрачески организира прием за градоначалниците на двата крајезерски градови Струга и Поградец.
„Оваа манифестација е всушност своевидна соработка на градовите од двете страни на Езерото со цел преку низа форми да се даде поттик во неговата заштита, но истата и да се потврди како начин на однесување и имплементирање на таквата грижа“, – рече градоначалникот Бакрачески.
„Меѓуграничната соработка е исклучително важна особено на планот на заштитата на Охридското Езеро и неговиот басен и токму затоа неопходно е интензивирање на соработката зашто ваквата природна убавина не задолжила особено да ја заштитуваме“, – потенцира Артан Шкемби, градоначалник на општина Поградец.
Спремноста за заеднички пристап во зачувување на природното и културното наследство на овој регион, како приоритена цел во стратегијата за регионален развој, на средбата ја истакна и градоначалникот на општина Струга Зијадин Села.
Според програмата, на градскиот плоштад поздравни зборови на манифестацијата по повод ДЕНОТ НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО имаа градоначалниците на Охрид, Струга и Поградец како и Ариан Мероли и Дејан Паноски секретари на Билатералниот Секретаријат на Комитетот за управување со сливот на Охридското езеро од Р. Албанија и Р. Македонија.
Во своето обраќање на Градскиот плоштад, градоначалникот Бакрачески истакна:
„Кога станува збор за Охридското Езеро, неговата неповторлива и единствена реткост,коеена листата на светски наследстванаУНЕСКО, унапредувањето на неговата заштита е врвен приоритет за сите нас, почнувајќи од институциите, граѓанските здруженија, еколошките организации, граѓаните, секоја индивидуа посебно.
Aктивната соработка помеѓу Охрид и Струга од македонската страна и Поградец од албанската страна, започната пред неколку години, како основна цел ја дефинира потребата за вложување на заеднички напори во поставување на база за соработка, која ќе биде појдовна точка за напредокот на регионот околу Охридското езеро. Тоа само по себе е доволен мотив, грижата за Охридското Езеро, како огромна природна вредност, да добие соодветна валоризација во заедничките напори и взаемната соработка за заштита и прогрес на езерскиот регион, кој има слични економски,социолошки и еколошки карактеристики.
Сигурен сум дека постои желба и мотив кај градоначалниците и институциите од регионот на Охридското Езеро, за да ги реализираме овие цели. Охридското Езеро ни нуди огромни можности, а на нас останува добро да се организираме за да ги прифатиме и реализираме сите проекти и визии за просперитет на регионов, секако имајќи ги предвид сите форми на заштита на неговиот неповторлив био свет“.
Присутните гости и граѓани имаа можност да ги разгледаат штандовите на кои туристичките работници ги презентираа своите понуди, а имаа можност да уживаат и во забавната програма на која свој настап имаше играорната група од Поградец, потоа групата „Чардак“, а културно уметничкото друштво при Здружението на пензионери на Охрид и Дебарца настапи со две староградски песни.
Под мотото “Заобиколи го езерото – почитувај го езерото“, велосипедскиот клуб “Екодром“ од Охрид традиционално го организира рекреативниот велосипедски маратон околу Охридското езеро.