На денешната прес-конференција, портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев истакна дека Владата на Република Македонија е стратешки насочена кон реализација на реформи, мерки, проекти и активности чија цел е зголемување на вработеноста на граѓаните во Република Македонија. Значаен дел од конкретизацијата на тие заложби се содржи во Оперативниот план за активни мерки за вработување преку кои се финансираат, кофинансираат, или пак се нудат за користење евтини и поволни финансиски инструменти за вработувања на невработените.
Во оваа насока, за имплементација на дел од Оперативниот план, Владата на Република Македонија преку Агенцијата за вработување во текот на утрешниот ден ќе распише оглас односно јавен повик за аплицирање за добивање на евтини и многу поволни финансиски инструменти кои се наменети за микро и малите претпријатија со цел отворање на нови работни места.
По објавувањето, огласот ќе трае во текот на следните 10 работни дена. На огласот ќе може да аплицираат сите заинтересирани микро(до 10 вработени) и мали(до 49 вработени) претпријатија кои сакаат да добијат од овие средства со цел да отворат нови работни места, и кои ги исполнуваат овие услови:
-да постојат најмалку 1 година во периодот кој претходи на објавувањето на огласот(да се основани заклучно со 24.06.2012 година);
-да имаат најмалку 2 вработени во период од минимум 3 месеци и
-да го немаат намалено вкупниот број на вработени во претходниот период од 6 месеци.
Микро и малите претпријатија со добивањето на средствата ќе може да вработат лица кои најмалку 3 месеци се во евиденцијата на Агенцијата за вработување, и при тоа доколку имаат конкретно лице од евиденцијата на Агенцијата кое сакаат да го вработат може да го наведат, а доколку немаат конкретно лице Агенцијата за вработување ќе им приложи за избор листа од лица од евиденцијата кои ги исполнуваат наведените предиспозиции и имаат соодветна квалификација и профилација за каква што се интересира претпријатието кое аплицира за средствата.
За секое ново отворено работно место микро или малото претпријатие ќе може да добие 3000 евра(во денарска противвредност), а може да се добијат средства за најмногу три ново отворени работни места, што значи најмногу 9000 евра. Периодот на поврат на средствата изнесува 3 години, со грејс период од 1 година и каматна стапка од само 1%. Процедурата за апликација е поедноставена, и заинтересираните микро и мали претпријатија ќе може да конкурираат за средствата со едноставна пријава која треба да се поднесе до Агенцијата за вработување и со приложување на документ дека не се во стечај или ликвидација, а сите останати документи ќе ги обезбеди Агенцијата по службена должност. По завршувањето на рокот за поднесување на апликации, во период од 30 дена Агенцијата за вработување ќе направи селекција на поднесоците и со оние претпријатија кои ги исполнуваат условите ќе потпише договори. Потоа истите ќе ги достави до Македонската банка за поддршка на развојот и до комерцијалните банки кои се дел од процесот и по завршувањето на сите процесни дејства и претпоставки средствата ќе бидат исплатени на претпријатијата. Микро или малите претпријатија кои ќе ги добијат овие средства имаат обврска во период од 36 месеци да не го намалат вкупниот број на вработени во претпријатието, односно да го задржат лицето во работен однос 36 месеци, или доколку заради одредени причини го отпуштат лицето тогаш на негово место да вработат друго лице и да не го намалат вкупниот број на вработени.
За реализација на оваа мерка која предвидува вработување во веќе постоечки правни субјекти, заедно со мерката за самовработување со кредитирање која се однесува на отворање бизнис и вработување на невработени лица, се одвоени околу 5 милиони евра. Доколку постои поголем интерес, што е и наша интенција веројатно е и квантумот на предвидени средства да биде зголемен.
Сакаме да апелираме до микро и малите претпријатија да ја разгледаат сериозно оваа опција, да се охрабрат и да аплицираат за средствата кои се исклучително поволни. Оваа мерка е една од најновите во Оперативниот план, искуствата покажуваат дека со секој нов оглас расте бројот на апликанти и ние сакаме тој позитивен тренд да продолжи. Доколку постоеле одредени стереотипи, тие се надминуваат, и веќе околу 200 правни субјекти се во процес на заокружување или го заокружиле овој процес и добиле средства, и во нив во постапка за вработување или веќе се вработени над 250 лица. Искуството покажува дека ова е добра можност за користење на средства за развој на бизнисот и вработување на граѓаните и секој субјект е добредојден за апликација.
Владата и во идниот период ќе продолжи со реализација на мерки и активности чија цел е обезбедување на услови за вработување на граѓаните и зголемување на вработеноста.