Меморандумот за разбирање со кој се овозможува соработката го потпишаа денеска во Скопје министерот за здравство Никола Тодоров и деканот на Факултетот за медицина и хирургија при Католичкиот Универзитет „Свето срце“ Роко Доменико Алфонсо Белантоне.
Според министерот Тодоров, Универзитетот „Свето срце“ е најголем приватен универзитет во Европа и најголем католички универзитет во светот. Со меморандумот се воспоставува соработка во повеќе специјалности од медицината меќу кои: интерна медицина, дигестивна ендоскопија, хирургија, педијатрија, гинекологија и акушерство, анестезиологија, неврохирургија, ортопедија, офталмологија, неврологија, радиологија, нуклеарна медицина, урологија и други.
„Со ова се отвара голема можност за македонските лекари имаат можност и привилегија да се стекнат со најсовремени знаења и вештини од медицината“, рече Тодоров.
Тој појасни дека досега во оваа болница се обучувале тројца македонски лекари од областа на гастроентерохепатологијата. Во следната фаза обуката ќе биде и од областа на хирургија на тиреоидеја, а деканот Белантоне е првиот во светот кој го применил овој метод. Со едукација на македонските лекари ќе се овозможи примена на оваа напредна хируршка метода прв пат во регионот.
Деканот Белантоне, изрази задоволство за отпочнувањето на оваа соработка, зад која стои и ректорот на Католичкиот универзитет во Италија.
„Се надевам дека во скоро време ќе ги видиме лекарите кои ќе дојдат кај нас, а и нашите лекари кои ќе дојдат кај вас. Имаме две заеднички култури од Александар Велики до Јулиј Цезар и во овој момент време е да ги споиме овие култури“, рече Белантоне.
На чинот на потпишување на Меморандумот за разбирање присуствуваше и проф. по хирургија и гастрентеро-хепатологија Гуидо Костамања, кој заедно со Белантоне беа во тимот кој го оперираше Папата Јован Павле Втори. Тој појасни дека можностите за воспоставување на соработката биле разгледани лани во Рим за време на неговата средба со министерот Тодоров.
„Задоволен сум што нашата соработка се официјализира, не само поради историски и културни факти туку и поради близината на двете земји. Во нашиот Центар веќе имавме некои доктори Македонци и ако сите идни докроти што ќе дојдат се како оние што ги знаеме кои работат со голема посветеност и фантазија, тогаш пред нас имаме многу добра иднина“, рече Костамања кој е раководител на Единицата за дигестивна ендоскопија.
Болницата „Агостино Џемели“ е вклучена во здравствените услуги како болница од национална важност. Покрај додипломско и постдипломско образование во медицината и хирургијата, физиотерапијата, науки за медицинските сестри и други клинички предмети на Универзитетот „Свето срце„ се одвива и научно-истражувачката дејност.
Католичкиот универзитет „Свето Срце“ основан е од отец Агустино Џемели заедно со група католички интелектуалци во 1919, а официјално отворен 1921 година. Универзитетот својот статус за независен го добил во 1924 со седиште во Милано, а општата болница „Агустино Џемели“ во Рим е отворена во 1964 година како дел од Факултетот за општа и хируршка медицина. Денес во рамките на универзитетот егзистираат 12 додипломски факултети, седум факултети за постдипломски студии, и неколку отсеци за докторати.
Престижот на Универзитетот се потврдува со тоа што секоја година за упис конкурираат 9.000 лица, а се запишуваат само 300. Од идната година 50 студенти ќе може да следат настава и на англиски јазик. Оваа реномирана здравствена иснтитуција, соработува со над 100 универзитети и институти во светот, а во неа се наоѓа и апартман наменет за Папата.