Духовден е голем христијански празник. Педесетница од христовото Воскресение, ден кога силата на Светиот дух се појавува кај апостолите, кај првите Христови Ученици кои токму на овој ден ја започнаа библиската мисија, втемелувајќи ја Христовата црква.
Вчера, всушност беше ден – роденден на Христовата Црква. И, токму на овој ден, секоја година и богољубивите христијани, жителите на Елшани, ја чествуваат црквата наша православна христијанска, изнесувајќи ги црковните икони и крсти на миење на двата главни елшански извора Клајнец и Вршек.
Оваа вековна традиција на Кревање Крсти, и денес на овој Духовден ги собра сите елшанци да ја посетат црквата Свети Пророк Илија за оттаму по црковната богослужба на парохискиот свештеник Атанас Казанџиски да тргнат со традиционалната церемонија и традиционалната песна “Да дајт Господ ситна роса… Господи помилуј” во обиколка на селските улици, па до двата главни елшански извора каде се замиваат, се зачистуваат иконите и крстите. Оваа церемонија во која учествуваат многубројни верници има посебна убавина и духовна исполнетост, зашто токму со изнесувањето на иконата која секој верник си ја зема на лицитација, дарувајќи одредена сума на пари, се исполнува духовно и се чувствува среќен и посветен на верата и на црквата православна христијанска. Духовден е токму таков ден за елшанци.Секоја година ја исполнува цркват со многуброен народ и секоја година ги исполнува срцата на верниците, на елшанци, на посветените христови поклоници.
Напис и фотозапис: Дим Дон